Културно лето со концерти, изложби, промоции …
Од 30 јуни до Петровден, публиката ќе има можност да проследи 14 литературни, филмски, ликовни и музичко-сценски содржини за различни генерации и вкусови, во рамките на Кочанско културно лето.
Културната програма ќе започне со Фестивалот на култура, традиции и обичаи, којшто претставува дел од проектот „Нашето заедничко минато, патека за заедничка иднина“, финансиран од ЕУ, а реализиран од Програмата за прекугранична соработка помеѓу Македонија и Бугарија, проект со кој во Кочани е реконструиран Мултикултурниот центар.
В среда, во вечерните часови, на Летната сцена на Центарот за култура „Бели мугри“ ќе настапат фолклорни состави, кои претходно ќе имаат дефиле што ќе појде од Градскиот плоштад и ќе се движи по улицата „Маршал Тито“ до паркот и Летната сцена.
Од планираните музички настани централното место го има групата Суперхикс, чиј концерт ќе се одржи на 10 јули, во Градскиот парк, а пред неа ќе настапи локалниот бенд Малинов кру. Џез-квартетот Драган Теодосиев ќе одржи концерт в сабота, на 3 јули, а ден претходно музичкиот состав Тајм аут.
Посебен печат на годинашнава културна понуда ќе ѝ даде Берзата на винили, со домашни и странски изложувачи, посветена на страстните љубители на грамофонските плочи. Настанот ќе се одржи на 11 јули во Градскиот парк, каде истовремено ќе има пазар на уметнички ракотворби со изложувачи од Македонија.
Етнофестивалот „На Петровден сите на планина“ и традиционалната средба на Власите од регионот е на 10 јули на Пониква.
Делата од минатогодишната Ликовна колонија ќе бидат изложени на 8 јули во фоајето на „Бели мугри“, а во текот на денот ќе се одржи ликовен перформанс под наслов „Арт варијации“. На 9 и на 10 јули проекции на документарни филмови за деца и возрасни во Кочани и во Оризари ќе има патувачкото кино Македокс.
Промоцијата на делата „Математичка поезија“ од Даниела Андоновска-Трајковска и „Културно-историските традиции во селото Бели“ од Коце Стојменов ќе се одржат на 2 и на 5 јули во Мултукултурниот центар во Кочани.
Велосипедската тура „Осоговска авантура“ на релацијата Пониква – Царев Врв – Пониква ќе се одржи на 11 јули од 9 ч., а финалето на Петровденскиот турнир во мал фудбал е закажано за 12 јули во 20 ч., на терените на СОУ „Љупчо Сантов“.