Лани се родиле за 6724 лица помалку од бројот на умрени
ЗАГРИЖУВАЧКО Е НАМАЛУВАЊЕТО НА ПРИРОДНИОТ ПРИРАСТ ЗА МИНАТАТА ГОДИНА, БИДЕЈЌИ СЕ РОДИЛЕ ЗА 6724 ЛИЦА ПОМАЛКУ ОТКОЛКУ ШТО ПОЧИНАЛЕ. ИСТОЧНИОТ РЕГИОН СО САМО 6,1 УЧЕСТВО ВО НОВОРОДЕНИТЕ Е УБЕДЛИВО НА ПОСЛЕДНО МЕСТО ВО СПОРЕДБА СО ДРУГИТЕ РЕГИОНИ ВО ДРЖАВАТА. НАЈГОЛЕМИ МИГРАЦИИ СЕЛО-ГРАД СЕ ЗАБЕЛЕЖАНИ ВО ИСТОЧНИОТ ДЕЛ НА ДРЖАВАТА.
За застрашувачки 6724 лица е намален природниот прираст во минатата година во земјава, што се гледа од разликата меѓу родените 19.031, наспроти умрените 25.755 лица.
Од нив, во градските подрачја живородени се 11 258 деца или 59.2 % од вкупниот број, додека 7 773 или 40.8 % деца се живородени во селските подрачја. Источниот регион, со само 6,1 % новородени е со убедливо најмал прираст, бидејќи Скопскиот, на пример учествува со 38,8 %.
Интересен е и податокот за просечната возраст на мајката при вкупниот број раѓања, кој во градските подрачја изнесува 29.8 години, а во селските 28,4 години.
Во градските подрачја лани умреле 15 948 лица или 61.9 %, а 9 807 лица или 38.1 % во селата. Во градските подрачја има 64 умрени доенчиња, додека во селските подрачја 44.
Просечната возраст на умрените лица во градските подрачја изнесува 73.1 година, а во селските 73.6 години.
Во вкупните миграции на ниво на регион од село во град, најголемо учество има Источниот Регион со 50.9 %, додека во Полошкиот Регион најголемо учество имаат меѓуселските преселби, кои учествуваат со 54.2 %.
Салдото на надворешните миграции е најголемо во Скопскиот Регион, 785 лица, а најмало во Југoисточниот Регион, односно -129 лица.