Ќе го чини ли Кочани уредувањето на паркот – милион евра ?
Колку ќе ги чини кочанчани реконструкцијата и уредувањето на Градскиот парк околу Центарот за култура „Бели Мугри“ и поврзувањето со пешачки мост со десниот брег на Кочанска Река ? Ова прашање се наметнува само по себе, откако локалната власт го најави проектот и изведувачот, но не кажа колку тежи поплочувањето и другите зафати кои треба да ги реализира истиот. Телевизија Кочани неодамна објави дека јавната набавка за една од фазите на овој проект изнесува над половина милион евра. Меѓутоа уште колку средства дополнително треба да се издвојат од буџетот на општината за докомплетирање на истиот во делот на фонтаната, инсталациите и опремата, вклучително и пешачкиот мост и степениците кон коритото, допрва ќе се пресметува.
Поедини локални стручњаци, кои како што велат, не сакаат да се мешаат во овој проект, се на мислење дека неговата реализација ќе ја наметне неопходноста од пренамена во пешачка зона на улицата која води од двојниот мост се до мостот кај шопинг центарот, бидејќи на овој потег од двете страни на реката и поврзувањето со Трговскиот центар, фреквенцијата на пешаци значително ќе се зголеми. Или евентуално преминот да се реши со пешакчи мост над сообраќајницата заради побезбедно поврзување со Трговскиот.
Граѓаните, со чии пари и во чие име се преуредува градскиот парк, се прашуваат дали е соодветен моментот на сеопшта криза, за реализација на ваков скап и до некаде гламурозен, но не приоритетен проект, ако се имаат во предвид многубројните инфраструктурни недоречености и фалинки во потесното и поширокото градско подрачје. Дали половинамилионското гранитно поплочување не можело да се реши со популарните бехатонки? Дали покрај пешачкиот мост кај поштата е неопходен уште еден, малку погоре? Каква функција ќе има степеништето кое ќе спаѓа до самото корито на Кочанска Река …?