Се подобрува пешачката инфраструктура во Кочани – нови тротоари и во градот и во селата

За помалку од два месеца во Кочани се изградени околу илјада метри нови тротоарски површини. Со договорот за изведба на тротоари склучен по спроведена јавна набавка со фирмата „Коп инженеринг“ од Скопје, се поставуваат бетонски павер-елементи на улиците „Февруарски поход“ и „Ѓорче Петров“ во Кочани, како и во селото Тркање. Целта е и во градот и во населените места подеднакво да се подобрат сообраќајната безбедност и проодноста на учесниците во сообраќајот.

Во Кочани, паралелносо рехабилитацијата на левиот коловоз на улицата „Тодосија Паунов“, се реконструира и тротоарот. Со градежните работи е опфатена површина од 3420 квадратни метри.

Стручните служби истакнуваат дека годинава Општина Кочани става акцент на уредувањето на градежното земјиште во непосредна близина на локацијата каде се гради  новата детска градинка, затоа што со започнувањето со работа, дополнително ќе се зголеми фреквенцијата во сообраќајот. Исто така, овој дел од градот забрзано се развива и со изградбата на новите социјални згради, коишто го зголемија бројот на домаќинствата и концентрацијата на население во западниот дел на Кочани.

Претходно во Кочанисе изградија и реконструираа тротоари на улиците „Роза Петрова“, „Браќа Ставреви“, „Маршал Тито“, „Страшо Ербапче“, што придонесе за подобрување на квалитетот на површините наменети за пешаците.

Сподели: