Изборно дерби Папазов – надпартиски, или Папазов – партиски?
Ќе има ли изборно дерби на 17. Октомври помеѓу Љопчо Папазов и Николчо Илијев, или СДСМ подготвува поголемо или помало дерби, со партиски кандидат. Оваа неизвесност ќе потрае уште некој ден, бидејќи наскоро се очекува владејачката партија да го обзнани својот кандидат за Кочани.
Од досега виденото во политичките комбинаторики и анализи, Папазов без политички акробации, исклучиво низ доминантната поддршка од граѓаните на спроведените анкети, речиси глатко ја доби довербата на партијата. Тоа му дава предност од неколку дена во организациски аспект, за да ги започне подготовките за предизборната кампања.
Кај Илијев присутна е некаква чудна неизвесност, штом во два пакета не се појави неговото име, па се чека последниот. Особено ако се знаат новостекнатите релации со врхушката на СДСМ, што му даваат само опиплива подлога во однос на кандидатурата. Притоа, битно е да се види дали и колку помогнаа анкетите на ИРИ, еко-наградата за Осоговските Планини и предвремените промовирања. Или колку одмагаат некакви гревови на надпартискиот кон партијата, како што е на пример, дистанцирањето од нејзините политики, несолидаризирањето со опожарениот Глобал во Струмица …
Затишјето околу изборот на кандидат за градоначалник на Кочани во СДСМ секако држи во неизвесност поголема маса на народ, кој се прашува, кој против кого ќе се бори за гласовите на граѓаните на 17-ти Октомври. Логично е во партијата да се води беспоштедна битка меѓу фракциите, бидејќи ситуацијата пред овие избори не е како онаа пред претходните, кога малкумина беа подготвени да се соочат со предизвикот. Веројатно затоа сега е потешко да се избере вистинскиот кандидат.