СДСМ знае, ама на 8-ми ќе го каже кандидатот

НИТУ ВО ПОСЛЕДНИОТ ПАКЕТ КАНДИДАТИ ЗА ГРАДОНАЧАЛНИЦИ, СДСМ НЕ ГО ОБЈАВИ АДУТОТ ЗА КОЧАНИ. КОЧАНЧАНИ ЌЕ ПОЧЕКААТ ДО 8-МИ СЕПТЕМВРИ, КОГА КОНЕЧНО ЌЕ ДОЗНААТ СО КОЈ ПАРТИСКИ ИЛИ НАДПАРТИСКИ КАНДИДАТ ВЛАДЕЈАЧКАТА ПАРТИЈА ЌЕ МУ ИЗЛЕЗЕ НА МЕГДАН НА ОПОЗИЦИСКИОТ, ПРЕД ГЛАСАЧИТЕ.

Откако генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски вчера го објави и третиот пакет од 17 кандидати за градоначалници, и соопшти дека преостанало да го официјализираат уште кандидатот за Кочани, станува јасно дека Општина Кочани е под специјален третман. Тоа го потврдува и најавата дека одлуката ќе биде соопштена на 7-ми септември, денот на ослободувањето на Кочани, или 8-ми септември, Денот на независноста на државата.

Иако во СДСМ засега не соопштуваат кој ќе биде кандидатот за Кочани, но и со ништо не најавуваат изненадување, за очекување е дека изборот ќе падне на актуелниот градоначалник Николчо Илијев. Ваквото тактизирање со кандидатурата предизвикува различни коментари во јавноста. Едни сметаат дека намерно се одолговлекува, за како неофицијализиран кандидат Илијев да може да ги промовира започнатите проекти. Други се убедени дека се чека да се заврши барем еден од многубројните започнати. А трети се на мислење дека во прашање е специјален третман на Кочани, поради сериозниот протвкандидат. Дури со спортски жаргон, по примерот на еден светски познат тренер, на надпартискиот Илијев му се додава прекарот „специјалниот“.

Како и да е, исчекувањето и неизвесноста остануваат до 8-ми септември, кога конечно ќе се знае кој против кого во трката за градоначалник, на 17. Октомври.

Сподели: