Фелата „гори“ … втор дел
Во шемата што му ја скрои локалната власт на локалното новинарство во Кочани, медиумските работници трета година се како риби на суво, а граѓаните со ограничено информирање.
Водечка телевизиска новинарка, со квалитети на високо професионално ниво, не можејќи повеќе да работи за 200 евра месечно, мораше спас од беспарицата да бара во малку по несиромашното школство – замина за учителка.
Еден од малкуте сниматели, монтажери и уредувачи на програма – егзистенцијата ја побара на бензинска пумпа.
Сопственик и еден од врвните локални новинари на електронски медиум, покрај што е пишувач и читач на прилози и вести, меркетинг менаџер, и уредувач на програмата, подолг период се занимава и со анкетирање граѓани, исклучиво поради егзистенцијални причини.
Привремен сопственик на медиум, управител, уредник, новинар и монтажер, истовремено е и дописник на информативна агенција, пак заради егзистенција.
И додека медиумите се повеќе тонат, градоначалникот упорно тумачи закони.
По објавата на овој мини коментар за состобата со медиумите во Кочани, со реакција зошто не бил спомнат како пример, пред колегите јавно проговорил еден од најмладите дипломирани новинари на локален портал, кој „заглавен“ во новинарската професија, посочил дека бил принуден да работи како пица деливери, за да си обезбеди каков-таков приход. Посочувајќи притоа дека иако има диплома, нема иднина во новинарството во родниот град, и дека среќата ќе си ја бара во други дејности…