Гроздоберот почна, цените 15 – 16 денари за кг.

УБАВОТО ВРЕМЕ ИМ ОВОЗМОЖИ КВАЛИТЕТНА БЕРБА НА ГРОЗЈЕТО, КОЕ ГОДИНАВА ГО ИМА ВО ПОМАЛИ КОЛИЧИНИ, НО Е СО МОШНЕ ДОБАР КВАЛИТЕТ ПОРАДИ ИЗОБИЛСТВОТО СОНЧЕВИ ДЕНОВИ. ЛОЗАРИТЕ НЕ СТРАВУВААТ ЗА ПЛАСМАНОТ, БИДЕЈЌИ ИНТЕРЕСОТ КАЈ ЛОКАЛНОТО НАСЕЛЕНИЕ ЗА ГРОЗЈЕ Е ГОЛЕМ. ЦЕНАТА НА ВРАНЕЦОТ СЕ ДВИЖИ ОД 15 ДО 16 ДЕНАРИ ЗА КИЛОГРАМ.

Голем број лози во Кочанската Котлина ги искористија изминатите два дена на сончево време за да го оберат грозјето. Вински сорти грозје, од кои најзастапени се вранецот и смедеревката, се береа во подплачковичките населени места. Годинава приносите се нешто послаби од ланските, поради екстремната и долготрајна суша, меѓутоа квалитетот е мошне добар, што го потврдуваат шекерните единици.

-Родот не е како ланскиот, ама задоволни сме. Сушата си го направи своето, вели Орце Митров. Добро е што имаше вода во левиот магистрален канал, па успеавме еднаш да наводниме, со што го спасивме родот.

Најголем дел од индивидуалните лозари грозјето го продаваат на локални купувачи, што значи дека ги немаат проблемите со откупот и откупните цени

Проблеми со пласманот немаме, бидејќи грозјето го продаваме на познати купувачи за правење вино и ракија. Квалитетот е одличен, поради што имаме редовни муштерии. Грозје купуваат и граѓани од Пробиштип, од Виница и секако од Кочани.

Веќе од наредниот викенд се очекува интензивна берба во лозовите насади, при што се очекува за релативно кус временски период да се собере целокупниот род.

Сподели: