„Речани“ – политичка марионетка

Дури на крајот од мандатот, или пред почетокот на посакуваниот втор, градоначалникот Николчо Илијев облече чизми и стави шлем на глава, за да го посети градилиштето и да влезе во тунелот од проектот „Брана Речани“. Тоа што во оваа фаза не може да го види светлото на крајот од тунелот, е нормална работа, како што не може да го предвиди конечниот исход на изборите.

Но проблемот не е во реализацијата на овој стратешки и капитален проект, кој се гради еднаш во сто години. За него одлучуваат други, тие ги даваат парите, тие ја диктираат динамиката. Локалците се само декор, кој добива или губи со (не)реализацијата на големите инвестиции. Можат да се сликаат или да се прават дека не се во тек, зависно што им треба. Иако некој може да ги оценува единствено според тоа дали и колку излобирале. А друг „гребатор“, можеби ќе најде причина непосредно пред изборите, јавно да се заблагодари што по 21-ен век се нашол маж да ја започне-продолжи, изградбата на браната.

Но, секој граѓанин може бесплатно да фантазира и претпоставува што ќе беше Кочани и регионот, ако „Речани“ се изградеше пред 60, 40 или 20 години. Каква трансформација ќе доживееше реонот околу Бела и Црна Река, со сите сиромашно населени места, поради придобивките од микроклимата. Колку ќе се развиеше туризмот, риболовот, земјоделието, квалитетното водоснабдување и наводнување, електропроизводството…, колку луѓе ќе останеа таму да живеат.

Сподели: