„Војна“ во штабовите за место на советничките листи

Коалициите, партиите и независните ги објавија листите за советници за претстојните локални избори во Општина Кочани. Граѓаните, главно на социјалните мрежи, бидејќи ниту еден учесник не најде за потребно на прес конференција, пред новинарите, официјално да ги соопшти кандидатите,  ги дознаа имињата на тие од добитните места и по автоматизам започнаа коментарите. Главно негативни, во стилот: е од каде тие, кај ги најдоа, што направиле за партијата, дојдоа од другата опција …

Од штабовите молк. Како нештата да се случуваат некаде далеку од нив. А внатре врие како во волчешка дупка во која влегле натрапници.

Актуелности дознава дека пред дефинирањето на советничките листи најмногу искричело во штабовите на најголемите партии, односно коалиции. Особено во СДСМ, како владејачка партија. Поединци од највозрасната гарнитура лупале врати, фрлале документи и терале се у п…. м…., затоа што член на фамилијата не е на советничката листа. Други се заканувале дека ќе гласаат за противничкиот табор, бидејќи втор или трет пат биле изиграни, иако им било ветувано. Трети ќе ја напуштеле партијата, но и државата, и ќе фателе џенем, во странство … Повлечи – потегли, имало и во најголемата опозициска партија, каде многу искусни сметале дека Советот без нив е незамислив, па демонстративно се повлекле од активното дејствување. Како и да е, се чини и во новиот состав ќе доминираат советници кои ќе мора многу да учат за развојни и секакви други стратегии, за природни ресурси, за стопански потенцијали, за капитална инфраструктура.

Најлесно им е на малите партии, каде очекуваат еден, најмногу два советнички мандати, па по првите, водачите, следните се само заради кворум.

Како и да е, ако ги прашате партиските кадровици според кои критериуми ги пополнуваат листите, можно е да добиете секакви одговори, само не несоборливи аргументи. Но тоа е суровата реалност.

Сподели: