Завршни подготовки за предизборната кампања
ОТКАКО Е ДЕФИНИРАНА ЕДИНСТВЕНАТА ЛИСТА НА КАНДИДАТИ, ОДНОСНО УЧЕСНИЦИ НА ЛОКАЛНИТЕ ИЗБОРИ, КОАЛИЦИИТЕ, ПАРТИИТЕ И НЕЗАВИСНИТЕ ГИ ВРШАТ ПОСЛЕДНИТЕ ПОДГОТОВКИ ЗА СТАРТ НА ПРЕДИЗБОРНАТА КАМПАЊА ВО КОЈА ЌЕ ГИ ПОНУДАТ СВОИТЕ ПРОГРАМИ ЗА НАРЕДНИОТ ЧЕТИРИГОДИШЕН МАНДАТ. ПРИ ГЛАСАЊЕТО ЌЕ БИДАТ ПРИМЕНЕТИ ТЕРМИНАЛИ ЗА ОТЧИТУВАЊЕ НА ОТПЕЧАТОК ОД ПРСТ.
На пет дена пред стартот на изборната кампања, во тек се завршните подготовки на учесниците за старт на изборната кампања, која ќе трае од 27. Септември до 15 октомври. Во овој период тие пред граѓаните ќе ја претстават својата изборна програма за следните четири години.
Ждрепката сакаше од поголемите партии, на Единствената листа на кандидати, ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова на Македонија” да се под број 7, Социјалдемократскиот сојуз на Македонија под број 9, а од помалите Движењето „Решени за промена“ под бр. 2 и Левица под бр.15.
За првпат годинава на денот на изборите ќе бидат применети терминали за отчитување на отпечаток од прст на гласачите за што од страна на претставници од германската фирма „Дермалог” се спроведува едукација на членовите на избирачките одбори. Првите терминали веќе се пристигнати во земјава, а до 1 октомври треба да пристигнат и останатите.
Изборите ќе се одржат на 17 октомври во недела. Поради Ковид-19, тие ќе се спроведат со почитување на сите мерки и протоколи за заштита од вирусот. Ден пред одржувањето на изборите, ќе гласаат старите и изнемоштени лица и затворениците, како и лицата кои се во домашен карантин поради позитивен тест на Ковид-19 и оние кои се во самоизолација.