18 градоначалници не се договориле за директор
46 МИЛИОНИ ЕВРА ГРАНТ ОД ЕУ 12 ГОДИНИ ЧЕКААТ, И УШТЕ 3-4 ЌЕ ПОЧЕКААТ, ДА ЗАПОЧНЕ НИВНАТА РЕАЛИЗАЦИЈА ЗА РЕГИОНАЛНАТА ДЕПОНИЈА КАЈ МЕЧКУЕВЦИ. ПРОЦЕСОТ БЛОКИРАН ПОРАДИ ОТИМАЊАТА МЕЃУ ОПШТИНИТЕ ОД КОЈА ДА БИДЕ ДИРЕКТОРОТ, ПА ЖЕШКИОТ КОСТЕН ЌЕ ИМ БИДЕ ПРЕФРЛЕН ВО РАЦЕТЕ НА НОВОИЗБРАНИТЕ ГРАДОНАЧАЛНИЦИ НА 18-ТЕ ОПШТИНИ ВО ИСТОЧНИОТ И СЕВЕРОИСТОЧНИОТ РЕГИОН
Иако најавата беше дека до крајот на годината ќе биде распишан тендерот за изведба на депонијата и фабриката за отпад, сепак Регионалната депонија кај Мечкуевци наменета за 18-те општини од Истокот и североистокот на државата, ќе почека да поминат локалните избори. Првенствено поради фактот дека актуелните градоначалници не успеаја да се договорат за изборот на ве-де директор на заедничкото јавно претпријатие поради спор за тоа која општина треба да го делегира директорот: онаа на чија површина се наоѓа депонијата или онаа што произведува најмногу ѓубре.
Постапката за избор на раководно лице со јавното претпријатие е почната, но поради локалните избори одлуката е замрзната. Веднаш штом ќе дозволи Законот, изборот ќе биде направен.
Во септември требаше да започне и чистењето на 70-ина диви и затворањето и култивирањето на голем број помали нестандардни депонии во сите 18 општини. Овој дел од проектот чини 10 милиони евра. Изведувачите се избрани пред неколку месеци. Единствено Општина Пробиштип сама ќе го носи ѓубрето директно во Мечкуевци, а за останатите 17 ќе има претоварни станици.
Според првичните предвидувања депонијата со работа требаше да започне во 2023-та година, но тоа веројатно нема да се случи, бидејќи уште сега е јасно дека роковите ќе бидат пробиени. Инаку, проектот за регионалната депонија за овој дел од државата е почнат уште пред 12 години. За целосното завршување ќе бидат инвестирани вкупно 46 милиони евра, средства кои се грант од Европската унија преку програмата за регионален развој.