Џабе субвенции без добри цени

ДЕКА МЕРКИТЕ НА ВЛАДАТА САМИ ПО СЕБЕ НЕ ГО РЕШАВААТ ПРОБЛЕМОТ СО ОТКУПНАТА ПОЛИТИКА ВО ОРИЗОПРОИЗВОДСТВОТО ПОТВРДУВААТ КОНТРАЕФЕКТИТЕ ПРИ СУБВЕНЦИОНИРАЊЕТО ОД ПРЕД ДВЕ ГОДИНИ, КОГА НАСПРОТИ ОПРЕДЕЛЕНИТЕ 5 ДЕНАРИ ЗА КИЛОГРАМ АРПА, ОТКУПУВАЧИТЕ ЈА НАМАЛИЈА ЦЕНАТА ОД 24 НА 18 ДЕНАРИ ЗА КИЛОГРАМ. ЛОКАЛНИТЕ ВЛАСТИ ВО ПРОИЗВОДСТВЕНИОТ РЕГИОН МОРА ДА ИЗГРАДАТ СТРАТЕГИЈА ЗАЕДНО СО ЗЕМЈОДЕЛЦИТЕ ЗА ПОДОБРУВАЊЕ НА СОСТОЈБИТЕ СО ОРИЗОТ, ЗАРАДИ ПОГОЛЕМИ ФИНАНСИСКИ ЕФЕКТИ И РАЗВОЈ НА ЗЕМЈОДЕЛИЕТО.

Кога мерките на Владата не базираат на одржливи анализи и стратегии, тогаш наместо ефект, даваат контраефект, кој како бумеранг им се враќа на земјоделците. Имено, субвенцијата од 5 денари за килограм предадена арпа од пред две години, еднократно им помогна на оризопроизводителите, меѓутоа истовремено тоа го искористија откупувачите кои тогаш ја симнаа откупната цена од 22 и 24 денари на 17 и 18 денари, и потоа не ја покачија, односно ја применуваат до сега.

Поради ваквите состојби неопходни се долгорочни мерки, кои ќе ги дефинираат пазарните односи помеѓу производителите и откупувачите, односно, преработувачите, при ќе биде заштитен взаемниот интерес. Впрочем на општините од производствениот регион не треба да им биде сеедно каков третман ќе добие оризовата култура на државно ниво, бидејќи е, и може да биде уште позначаен финансиски фактор во локалната економија. Од тие причини и протестите треба да се сватат како иницијална активност која ќе доведе до конструктивни договарања меѓу земјоделците и владата, притоа силно поддржани од локалните власти, кои пак не смеат да стојат по страна.

Сподели: