Мала разлика за голема победа на Папазов

Според првичните и неофицијални резултати Љупчо Папазов е новиот градоначалник на Кочани, со разлика од дваесетина гласа во однос на противкандидатот Николчо Илијев. Граѓаните на Општина Кочани ја изрежираа најнеизвесната изборна трка, во која победникот беше одлучен во фото финиш. Во моментот кружат информации дека разликата во освоени гласови е петнаесетина, дваест или дваесет и неколку, меѓутоа во штабот на ВМРО-ДПМНЕ по втор или трет пат ги пребројуваат гласовите, за да се избегне евентуална грешка. Штабот на СДСМ повеќе не пласира резултати, бидејќи неофицијално го признале поразот.

Разликата од само дваесетина гласа не им дава слобода на победниците да слават, се додека резултатите не се официјализираат. Особено поради некои искуства од минатото, кога со сложена математика се случуваа неочекувани епилози. Но фактот дека поразените стивнаа речиси насетува во кој правец ќе се оконча исходот од изборот на градоначалник на Кочани.

Сподели: