Градоначалници „без кал“

Во 21 век, кога светот урива неверојатни граници и ја освојува вселената, кај нас, на локално ниво, главен критериум за успешност на еден градоначалник се метрите улици и асфалт. Како „без кал“ да е некое достигнување за кое треба посебно знаење и менаџерски способности. А всушност е толку очекувано со парите на граѓаните да се направат улици на граѓаните. Истовремено, не може да се очекува дека занимавањето со улички и тротоари, може да ја покрие комплексноста на функцијата, која е многу повеќе од тоа. Токму затоа, за еден современ и агилен градоначалник потребно е многу повеќе.

Надлежни и ненадлежни градоначалниците мора да се локомотивата која ќе ја повлече композицијата со проблеми и прашања во рамките на општината, во изнаоѓањето решенија. Не може овој град со децении да нема бања, а градоначалниците да се ненадлежни. Не може на Браната Речани да се чепка 4 години, колку да се рече дека нешто се работи, а крајот на изградбата да не се гледа. Не може да пропаѓа ловниот резерват, пак поради ненадлежност. Како што не може да се гледа управната зграда на Атом да се распаѓа без да се покрене иницијатива за некакво позитивно решение. Такви и слични примери има мал милион. А тие се потенцијалот, ресурсите и капиталот на Општина Кочани, на еден или друг начин.

Сподели: