ОО на СДСМ Кочани прашува :ДАЛИ ПРВИОТ „КАПИТАЛЕН“ ПРОЕКТ НА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ЉУПЧО ПАПАЗОВ Е ИСПЛАТА НА КАМАТА ВО ИЗНОС ОД 8 МИЛИОНИ ДЕНАРИ НА АВТО АТОМ ЗА ИЗВРШНИ РЕШЕНИЈА ЗА ПЕРИОД 2012-2017 ГОДИНА?

Почитувани сограѓани,
Денес сме сведоци на првиот „Капитален проект“ на новото раководство на Општината. На крајно безобразен и бесрамен начин, со ребалансот на буџетот на Општина Кочани се вметнуваат 8 милиони денари за исплата на камата по извршни решенија за превоз на ученици за период од 2012 до 2017 година на превозникот Авто Атом и тоа по цени 4 до 5 пати повисоки од пазарните.
Замислете, раководители на училишта, во наведениот период поставени од тогашниот Градоначалник Ратко Димитровски, кои работејќи несовесно довеле до оштетување на Буџетот за 8 милиони денари, денес се враќаат во игра.
Ние отворено прашуваме, а кочанската и македонската јавност мора да добие одговор на следниве прашања:
1. Кој даде налог да се вметнат овие обврски за плаќање? Дали е тоа раководителот на одделение Голубина Георгиева (главниот играч во образованието); дали е новиот Градоначалник или пак е Ратко Димитровски кој најдобро е запознаен со делата од неговото време?
2. Зошто 4 години никој не зборуваше за ова?
3. Дали со овие 8 милиони е платена дел од предизборната кампања па започна раздолжувањето? Сепак сме сведоци на фотографијата на директорот на Авто Атом на „бизнис“ средбата со новиот Градоначалник.
Почитувани граѓани, ова е само почеток на новото време! Вие гласавте за промени, проекти, победи.
Дојдоа промените во Кочани, а со 8 милиони денари на приватна сметка – ќе дојдат и победите!
За проекти, ќе почекаме.
Ги повикуваме МВР, финансова полиција и Обвинителството по допрен глас да го испитаат целиот случај.
Со почит,
ОО на СДСМ Кочани

Сподели: