Ќе се купува ли леб на четврт и на кришки ?
Како тргнале цените нагоре, наскоро може да се купува леб на четврт, на пола, или на кришки. Двете поскапувања за само два месеца од околу 30% директно и сериозно ќе го удрат најсиромашниот слој од населението, кое и до сега се мачеше како да преживее. Ако едно семејство троши три леба дневно, со новите цени од 32 денари за векна ќе му требаат 3000 денари месечно за да се прехрани. Тој износ е една третина од најниските пензии, или една петина од минималната плата, што е големо зафаќање.
Пекарите поскапувањето го оправдуваат со зголемени трошоци во производството, особено на енергенсите. Иако се очекуваше тоа да се случи на почетокот на идната година, сепак побрзаа по само два месеца од претходното покачување.
Во ситуација кога никој не може да каже со какво темпо ќе се одвива инфлацијата, тешко е да се предвиди до кога ќе важат новите цени. Граѓаните единствено се надеваат дека ќе интервенира државата, од која очекуваат замрзнување на цените на основните прехранбени артикли, за да може да се преживее општиот бран на поскапувања.