Бугарскиот амбасадор Ангел Ангелов на средба со градоначалникот Љупчо Папазов
Амбасадорот на Република Бугарија Ангел Ангелов, заедно со неговата сопруга Билјана Ангелова и дел од тимот на Бугарската амбасада, денес беше во посета на Општина Кочани и оствари средба со градоначалникот Љупчо Папазов. Заедно со амбасадорот Ангелов беше присутен и Петар Петров, прв секретар на Бугарската амбасада.
Денешната средба им овозможи на градоначалникот Љупчо Папазов и Бугарскиот амбасадор Ангел Ангелов да ги продолжат пријателските соработки и со тоа да се придонесат што повеќе успеси и нови проекти за Општина Кочани.
Беа споменати сите досегашни спроведени проекти преку програмите за прекугранична соработка со Република Бугарија, кои веќе се завршени. Такви се Модерна инфраструктура – успешен бизнис,проект за рехабилитација на дел од инфраструктурата во Индустриската зона во Кочани и уредување зелени површини, Еднакви во културните различности – создавање на Етно куќа во Општина Кочани и создавање Дом на културно и историско наследство на Рила и Кочани во Општина Рила, Заедничка иднина со зелени згради – реконструкција и енергетска ефикасност на зградата на општина Кочани и проектот Нашето заедничко минато – патека за заедничка иднина – реконструкција на Мултикултурен центар во Кочани. Рехабилитацијата на СРЦ Бавчалук – со реконструкција на срушените мостови и поплочување на патеките со бекатон плочки, беше реализиран во соработка и поддршка од Амбасадата на Република Бугарија.
Освен за досегашните спроведени проекти, се разговараше и за сите идни, со кои пријателската соработка ќе продолжи и во иднина. Бугарскиот амбасадор истакна дека во наредниот период ќе пружи целосна поддршка во повеќе проекти за нашата општина преку програмите за финансирање на Амбасадата: реконструкција на училишта, градинки и други јавни објекти, како и поддршка во спроведување и презентирање на проекти од програмите на Европската Унија .