Граѓаните изнесоа свои предлози и идеи по нацрт-буџетот на Општина Кочани за 2022 година
Во петокот, во салата на Мултикултурниот центар во Кочани, Општина Кочани организираше јавна расправа по нацрт-буџетот за 2022 година. Во присуство на граѓани, претставници на здруженија, клубови и институции, општинските служби ги презентираа буџетските проекции преку повеќе програми.
Интересот на граѓаните беше насочен кон прашања од различни области што се во надлежност на локалната самоуправа: за организирањето и развојот на Кочани како културен центар на Истокот; искористувањето на геотермалните води и урбанистичкото планирање; решавањето на проблемот со паркирањето преку изградба на катна гаража, но и воопшто за сообраќајни проблеми и навики што треба да бидат надминати. Дел од граѓаните се интересираа за заштитата на животната средина и планираните локации за пошумување, за комунално уредување на делови од Лесна индустрија и за начинот на одржување на патните релации со руралните населени места во Кочанско. Претставници на лица со попреченост, побараа обезбедување соодветен пристап за инвалидните лица и примена на решенија на јавните прометни површини за слабовидните лица. Поздравувајќи го граѓанскиот одзив за придонес во буџетското планирање, градоначалникот на Општина Кочани Љупчо Папазов истакна дека предлозите ќе бидат разгледани и земени предвид и ги повика сите заинтересирани и во текот на оваа седмица да ги достават своите мислења и предлози, електронски или преку Едношалтерската канцеларија. Во овој период јавноста ќе има можност и за увид во нацрт-буџетот за 2022 година преку веб-страницата на Општина Кочани.