Оризопроизводителите ја блокираа едната лента од патот Кочани-Штип. Бараат итна средба со премиерот и министерот Николовски

Во организација на Иницијативниот одбор за спас на оризопроизводството денеска во Облешево, земјоделски производители со механизација ја блокираа едната коловозна лента од Магистралниот пат Кочани – Штип, изразувајќи го на тој начин протестот поради неприфаќањето на нивните барања од страна на Владата. Пред присутните и медиумите, претставници на иницијативниот одбор уште еднаш ги истакнаа основните барања откупната цена на арпата да не биде помала од 40 денари, а на оризот од 80 денари за килограм.

  • Oвој протесте е продолжение на претходните протести кои ги организиравме. Нашите барања се, најниската цена на оризовата арпа да биде 40 денари, бараме проширувње на ковид мерката од 3 денари по килограм предадена арпа, односно да бидат опфатени сите оризопроизводители што произведуваат оризова арпа. Мерката да биде продолжена и да трае до 1 септември 2022 година. Субвенциите да бидат исплатени до февруари, а зелената нафта да биде зголемена. Исто така наше барање е и реформирање на АД „Водостопанство“, односно негово враќање во старите граници каде земјоделците сами си ги наводнуваа површините, како форма на здружување, водна заедница или општинско водостопанство, истакна Тони Максимов, оризопроизводител.

Тие побараа на протестот во Облешево да дојде Министерот за ЗШВ Љупчо Николовски, или Премиерот Димитар Ковачевски, за да им ги кажат своите маки и проблеми и да понудат конкретни и итни решенија. Доколку тоа не се случи протестот ќе продолжи на неодредено време, а земјоделците ќе излезат уште помесовно и ќе ја блокираат и втората сообраќајна лента, што ќе значи целосна блокада на патот.

  • Со субвенциите од 3 илјади денари бевме излажани бидејки ни беше ветено дека до крајот на 2021 година ќе бидат исплатени. Беше договорено и со ковид мерката од 3 денари по килограм предадена арпа да бидат опфатени сите земјоделци, но и тоа не го исполнија.  Ние не можеме ни да преживуваме, не да живееме. Браме да дојдат претставници од Владата и Министерството овде на протестот и да разговараме, доколку не дојдат ќе ја блокираме и другата лента. Не бараме ни апанажа, ни ваучери за одмори, бараме само да ни се исплати нашиот труд, рече Здравко Арсов, член на организациониот одбор на протестот.

Земјоделците истакнаа уште редица други барања за кои треба да се разговара и бара решение, се со цел младите на останат во селата и да продолжат да ја обработуваат земјата.

Сподели: