Јагнешкото за извоз, џигерите за дома

ВЕРНИЦИТЕ МУ СЕ РАДУВААТ НА ВЕЛИГДЕН, НО СЕ РАЗОЧАРАНИ ОД ПРАЗНИЧНИТЕ ЦЕНИ НА ТРАДИЦИОНАЛНИТЕ АРТИКЛИ, ЈАГНЕШКОТО МЕСО, ЈАЈЦАТА, ЗЕЛЕНЧУКОТ И ЗЕЈТИНОТ. ПОКРАЈ СУБВЕНЦИОНИРАЊЕТО НА СТОЧАРИТЕ МОЖНО ЛИ Е СУБВЕНЦИОНИРАЊЕ И НА ПОТРОШУВАЧИТЕ НА ЈАГНЕШКО ?

Во предвечерието на Велигден, граѓаните наместо опуштено и оптимистички да ги дочекаат и прослават празничните денови, се претворија во математичари како со ограничени средства да си овозможат традиционален ручек со јагнешко, салата со јајца, пијалок и слично. И плус, како да им купат некаков подарок на најблиските, за празнично да ги изненадат и израдуваат.

Денеска јагнешкото во месарниците во Кочани се продава по цена од неверојатни 470-480 денари за килограм. Има и малку поефтино, 430 денари, плус „бутилка“ пиво, но за половина јагне, или купени 4 кг месо. Јагнешките џигери чинат 180 денари за кг. Граѓаните исплашени од поскапувањата се прашуваат какви тоа трошоци ги предизвикуваат енормните поскапувања, и како да издржат и да преживеат. Треба ли некој и на нив да им понуди субвенционирано јагнешко месо, кога веќе сточарите се субвенционираат по повеќе основи.

-Не ми е јасно како може државата да го субвенционира овчарството, млекото и јагнето, а тие пак да бидат многу скапи, вели Станчо Митов. Со чии пари ги субвенционираат, со народни. Епа зошто народот да купува, односно да не може да купи кило-две. Или на нас џигерите, а на странците месото.

Изгор цените ги зафатија и јајцата, кај кои табла веќе чини од 240 до 300 денари. Има јајца и по 180 денари табла, ама големината им е како да се од гулаби. Поскапе и овчото сирење кај домашните производители, и тоа на 400 денари за кг.

Ако кон сите поскапувања се надодадат и раноградинарските производи, односно зеленчукот, кој се продава по 2 до 2,5 евра за кг домати и краставици, и сето тоа да се запржи со зејтин кој чини 130 до 150 денари, тогаш станува јасно со каква сиромаштија се соочуваат граѓаните. 

Сподели: