Кочанчани уживаа во кошаркарски спектакл

Викендов Кочани докажа дека е кошаркарски град. Во саботата сите патишта водеа кон спортската сала Сашко Лазарев – Чапо која беше исполнета буквално до последно место. Ретко која спортска сала ширум државава, па дури и да станува збор за прволигашки спортски ивент може да се пофали со ваква посетеност. Околу 1300 гледачи беа сведоци на вистински фајтерски натпревар со прекрасни потези, прецизни шутеви, кошаркарска тензија, неизвесност и драма до последен момент, но и на коректно судење од делителите на правдата, односно арбитрите.
Кошаркарите на Баскет Дино Деликатес ја почувствуваа горчината на вториот последователен пораз од екипата на Работнички 2018 која славеше со резултат 80-87 и со тоа автоматски се пласираше во повисок натпреварувачки ранг наредната сезона. Заеднички и за двата ростери е фактот дека играчите оставија 110 проценти срце на терен, но сепак во последните две минути од натпреварот кога се решаваше победникот и кога психолошката и физичката подготвеност се над кошаркарското знаење, подолгата клупа на гостите а со тоа и поголемата свежина и одмореност кај клучните играчи се покажа како пресуден момент за крајниот исход.
Кај домаќините, поентерски се издвоија Илијев и Филипов со по 18 постигнати поени, Лазарев со 13 поени, а веднаш зад нив Крушарев со 12 постигнати поени кој искусно реализираше тогаш кога беше најгусто, и Sмбов кој постигна седум поени, сите во првата четвртина, а потоа како да беше подзаборавeн од страна на искусниот домашен тренер Диванисов кој во второто полувреме не му даде ниту една минутка.
Кај гостите, за истакнување е симултанката на македонскиот младински репрезентативец Петар Бошалески чиј квалитет несомнено уште еднаш дојде до израз, постигнувајќи една третина од вкупните поени на тимот – 28.
Радува фактот што после поминати 30тина години, се вратија атмосферата, жарот, посетата и безпоштедното навивање кои беа главни одлики во мечевите за шампионската титула во деведесетите години, во првата македонска кошаркарска лига помеѓу тогашен Деликатес – Кочани и Годел Работнички – Скопје.
Во разговор со дел од играчите и управата на Кочанскиот клуб, дознаваме дека сепак постојат реални шанси наредната сезона и Баскет Дино да биде дел од втората кошаркарска лига. Имено, постои можност за формирање на две втори лиги – втора лига А и втора лига Б, со што би дошло до евентуално проширување на екипите учеснички, па во тој случај и Кочанската екипа, како учесник во полуфиналето на плејофот би се натпреварувала во второлигашка конкуренција.

Сподели: