Си замина Киро Герасимов (1951-2022)

IN MEMORIAM

Вчера, по долга борба со болеста, во 71-та година од животот, почина легендата на кочанското и Македонското новинарство, Киро Герасимов. Неговиот препознатлив глас и префинета дикција со децении ги информираа граѓаните во државата, како неприкосновен хроничар на настаните во неговото Кочани, регионот и пошироко. Работниот стаж го помина во МРТВ, како дописник на Македонската Телевизија, но неговите прилози и неговиот глас се слушаа и на Македонското Радио. Соработуваше и со Радио Кочани, подоцна и со Телевизија Кочани, а се втемели и во првата приватна телевизија во регионот, ТРД „ТВ Кочани ЛД“.

Киро Герасимов паралелно со новинарството, твореше и создаваше бројни авторски дела од повеќе жанрови, оставајќи зад себе исклучително богат и вреден поетски, прозен и истражувачки опус. Автор е на збирки поезија, на монографии , на истражувачки прилози, на историографски дела од НОБ, на текстови за народна и забавна музика. Пишува за театарската уметност, за спортот во Кочани, за новинарството, за истакнати личности од локалната средина, за успешни животни стории на луѓе и семејства. Поедини негови дела се преведени и препеани на Словенечки и Српски јазик, на Полски.

Добитник е на награда за новинарство на МРТВ, на Седмосептемвриската награда на Кочани, како и на голем број други награди и признанија за своите дела и активности.

Смртта го затекна како пензионер, кој до последниот ден од својот живот крадеше од денот и ноќта, за да донапиша некој текст, некоја реченица, некој стих.

Ако некој го задолжил својот град со својата работа, преку перото, микрофонот, камерата, тогаш тоа сигурно е Киро Герасимов.

Во оваа прилика, јас како негов долгогодишен пријател, колега-новинар, како и Телевизија Кочани, предлагаме некоја улица или место во центарот на градот да го носи неговото име – Киро Герасимов. Вечна му слава.

Сподели: