Ученичките од ОУ „Св. Кирил и Методиј“ од Кочани – државни прваци во женски фудбал

На 26 мај, на стадионот „Македонски бранители“ во скопската општина Илинден, се одржа Државно првенство во женски фудбал за основни училишта, на кое ученичките од ОУ „Свети Кирил и Методиј“ од Кочани го освоија првото место.

Предводена од наставниците Ванчо Јованов и Јордан Анастасов, екипата на ОУ „Свети Кирил и Методиј“ финалните натпревари ги одигра со противниците од основните училишта „Наим Фрашери“ од Тетово (1 : 1) и „Браќа Миладиновци“ од Илинден (5 : 0).

Сандра Костадинова, ученичка во IX одделение во ОУ „Свети Кирил и Методиј“ од Кочани е прогласена за најдобар играч, а четири ученички од кочанскиот тим се стекнаа со право летово да кампуваат бесплатно во Охрид, како дел од победниците од сите спортови.

Организатор на Државното првенство во женски фудбал за основни училишта беше Федерацијата на училиштен спорт на Македонија.    

Сподели: