Роланд Гарос се претвора во Вимблдон
КАКО ТРГНАЛА ТРЕВАТА ДА СЕ ШИРИ ПО ТЕНИСКИТЕ ТЕРЕНИ, НАСКОРО МОЖЕ ДА ГИ ПРЕТВОРИ ВО ЛИВАДИ, КАДЕ НАМЕСТО ДА СЕ ИГРА ТЕНИС, ЌЕ ПАСАТ КОЗИ. ПРИВАТНОТО ПАРТНЕРСТВО И ВО ОВОЈ СЕГМЕНТ ОД СРЦ АКВА ТЕН НЕ ФУНКЦИОНИРА НА ПОТРЕБНОТО НИВО, ШТО МОЖЕ ДА И СЕ УДРИ ОД ГЛАВА НА ОПШТИНАТА, ЧИИ МЛАДИ ЌЕ ОСТАНАТ БЕЗ КАПИТАЛНИТЕ СПОРТСКИ ОБЈЕКТИ.
Еден по еден тениските терени ги обраснува трава и ги прави нефункционални за спорт и рекреација. Дали општата криза удри и врз спортските објекти, или пак во прашање е само пословична негрижа кон се што е општонародно, е прашањето на кое некој ќе треба да даде одговор. Меѓутоа жално е да се гледа како пропаѓаат терени кои беа гордост на Кочани, поради фактот дека такви ретко има во државата. И денеска околу терените нема никој задолжен да ги одржува и средува, за на нив да може да се тренира и рекреира.
Уште полоша е состојбата околу терените, каде тревата некаде израснала над еден метар, некаде е окосена но стои на бетонските патеки, канти, седалки и други дотраени предмети расфрлани насекаде, како некој одамна да заборавил дека нешто за да се има, треба да се одржува.
Најзагрижени се сведоците на пропаѓањето на тениските терени, кои секојдневно доаѓаат овде да рекреираат и спортуваат, а за тоа плаќаат по 200 денари за еден час. Ако под итно не се преземат мерки, за кусо време тревата ќе го направи своето, па секоја подоцнежна реконструкција ќе чини многу труд и многу пари.
Поедини рекреативци, помалку во шега велат, како може за скапи концерти да се има средства а за вакви капитални спортски објекти да не се води грижа.