Зрновјани сеуште трагаат по исчезнатиот Здравко Димитров Даклето
ЖИТЕЛИТЕ НА ЗРНОВЦИ ЧЕТИРИ ДЕНА ТРАГААТ ПО ИСЧЕЗНАТИОТ ЗДРАВКО ДИМИТРОВ ДАКЛЕТО, КОЈ БЕЗ БИЛО КАКОВ ТРАГ ВО ПЕТОКОТ СЕ ОДДАЛЕЧИЛ ОД СВОЈОТ ДОМ. ВО АКЦИЈАТА ЗА ПРОНАОЃАЊЕ УЧЕСТВУВАА И КОЧАНСКИТЕ ДОБРОВОЛЦИ, МЕЃУТОА НА ПОСОЧУВАНИТЕ ЛОКАЦИИ ДО СЕГА ТОЈ НЕ Е ПРОНАЈДЕН. ПОТРАГАТА Е ПРОШИРЕНА И КОН МЕСТА ВО КОИ ИСЧЕЗНАТИОТ ИМА РОДНИНИ. НАЈГОЛЕМ ХЕНДИКЕП Е ШТО ПРИ ЗАМИНУВАЊЕТО ОД ДОМА ГО ОСТАВИЛ МОБИЛНИОТ ТЕЛЕФОН.
Четврти дена како трае потрагата по исчезнатиот жител на Зрновци, кој без било каква најава се оддалечил од домот, не оставајќи никаков траг. Жители на Зрновци во изминатите денови, со помош на доброволци од Кочани, ја пребаруваа околината на општинскиот центар, водејќи се според информации од граѓаните, меѓутоа досега акцијата за пронаоѓање не даде резултат. Одредени индикации кои водеа кон коритото на Брегалница, како и кон планината Плачковица, не се потврдија. Од неофицијални извори дознаваме дека исчезнатиот Здравко Димитров Даклето, меѓу другото се занимавал со ловство, па и по тој основ се пребарувани местата каде обично се движел. Во деновите на викендот во акцијата се вклучиле ловци од населените места од зрновско, кои излегле на лов на диви свињи, но и од нив нема никаква конкретна информација. Во таа насока пребарувана е и клисурата на Зрновска река, но и по неа немало никаков траг.
Последните информации оделе на линија дека маж сличен на описот на исчезнатиот е виден во атарот на селото Тркање, кочанско, што ја навело потерата да го бара во тој правец. Сознанието дека имал роднини во Крива Паланка ги проширило активностите и на таа релација, иако за тое веројатноста е мала.
Тоа што е чудно и загадочно е што, наводно, исчезнатиот кога заминал од домот, случајно или намерно ги оставил мобилниот телефон но и ловечката опрема, што го отежнува неговото пронаоѓање.