ДПСС „Осогово„ стана член на Националниот сојуз за планинско спасување

Изминативе два дена, во Охрид се одржа првиот Национален конгрес за планинско спасување, на кој учествуваа претставници од 14 организации, редовни членови и кандидати за членство во Националниот Сојуз за Планинско Спасување.

На средбата беа споделени најновите искуства од последниот конгрес на меѓународната комисија за алпско спасување ICAR, кој се одржа во октомври годинава, во Монтро, Швајцарија.

Покрај најновите случувања во светот, беше направена и анализа на постојните ресурси со кои располагаат организациите од сојузот, како и анализа на основната опрема за укажување на помош и безбеден транспорт на повредени, во комплексни планински услови. Беа анализирани неколку модели на специјализирани мултифункциски носилки, од различни производители, како и неколку модели на вакуум душеци за имобилизација, без кои незамисливо е изведување на ефикасни операции за спасување. Целта на овие анализи, беше потенцирање на важноста од примената на овие специјализирани средства, кои согласно препораките на ICAR, претставуваат основа за безбедна евакуација и транспорт на повредени од тешко пристапен, планински терен.

Во рамки на конгресот, денес, беше одржано и Генерално собрание, на кое едногласно беше донесена одлука за интензивирање на процесот за регулирање на планинското спасување во државата, како главен фокус за наредниот период.

Помеѓу другите точки на дневниот ред беше и точката за прием на нови членови во сојузот, односно пет организации кои во изминатиот период изразија интерес и пополнија апликации за пристапување. Со тоа, членството во сојузот се зголемува и се отвораат повеќе можности за воспоставување на ефикасни станици за спасување, во се повеќе региони од државата, но и од различни специјалности, кои во иднина ќе овозможуваат покривање на повеќе области од планинското спасување.

Нови членови на сојузот, кои се стекнаа со статус Аспирант, согласно одредбите од статутот се:

– Истражувачко друштво УРСУС СПЕЛЕОС од Скопје

– Доброволна Планинска Спасителна Служба Осогово од Кочани

– Здрушение за безбедност на вода и планина МАКЕДОНСКИ СПАСИТЕЛ од Велес

– Планинарско еколошко друштво ЦЕРН КАМЕН 2257 од Вевчани

– Здружение за потрага по исчезнати лица КУЧЕ СПАСИТЕЛ од Охрид

На сите им го честитаме зачленувањето и им посакуваме успешна работа во идниот период.

Со тоа, заврши првиот Национален конгрес за планинско спасување, на кој уште еднаш беше потенцирана потребата од воспоставување на ефикасна Национална Планинска Спасителна Служба, согласно со меѓународната пракса и препораките на ICAR – International Commission for Alpine Rescue.

Сподели: