Избрани најдобрите во спортот за 2022 г.

Новинарите од локалните медиуми денеска ги избраа најдобрите во спортот во Општина Кочани за 2022 година, а врз основа на пристигнатите пријави од спортски колективи и поединци. Со тајно бодување, за најдобар спортист  на Општина Кочани за 2022 година е избран фудбалерот Тоше Манов од ГФК „Осогово“, со вкупно 22 бода. Втор е каратистот Филип Стојанов од КК „Партизан“ со 19 бода, а трета шахистката Јована Давиткова од Сојузот на училишни спортови со 17 бода.

Најдобар клуб е Пинпонгарскиот клуб „Кочани“ со 18 бода, пред ЖФК „Кочани“ со 14 и младинската екипа на ГФК „Кочани“ со 13 бода. Титулата најдобар тренер за 2022 година ја доби Оливер Јовановски, на кого новинарите му ги доделија максималните 16 бода, инаку тренер на ЖФК „Кочани“, пред триото тренери на ГФК „Осогово“, Тоде Митев, Доминик Танев и Ефтим Аксентиев и Оливер Коцев од Карате клубот „Партизан“. За спортски работник на годината е избран Бранко Богатинов од ГФК „Осогово“ со 10 бода, пред Александар Андов од ОФС Кочани со 8, и Гоце Ангелов, боречки судија со 6 бода.

Новинарите одлучија на предложените млади надежни спортисти да им се доделат Пофалиници за постигнатите успеси, како и пригодни награди.

Посебно признание за поддршка на спортот во Кочани му се доделува на Здружението на граѓани „Никола Мантов“, кое во изминатата година оствари значајни активности.

Манифестацијата на прогласувањето на најдобрите ќе се одржи на почетокот на наредната недела, со присуство на спортисти и спотски работници од клубовите во општината.

Сподели: