Кога политичарите го хранат народот со празни ветувања

Најблаго речено, чудна е стратегијата на оваа влада кога се во прашање капиталните проекти и инвестиции, кои повеќе наликуваат на теорија, отколку на практична реализација. Со месеци и години се најавуваат големи вложувања, а на терен речиси ништо. За Кочани стана пуста желба изградбата на Браната „Речани“, за која нема ниту планови, ниту рокови. Ниту пак се работи на нејзина реализација.

Уште полоша е ситуацијата со развојот на Пониква, која тапка во место, па затоа најавата за инвестиција од 100. милиони евра за зимскиот туристички центар Царев Врв, граѓаните повеќе ја доживуваат како далечна, можеби и пуста желба, не верувајќи дека тие ќе дочекаат да се искачат до горе и да ја видат.

Политички обоената железничка пруга кон Бугарија се развлекува до бесконечност, а експресен пат од Кочани до границата со Бугарија не се ни спомнува. Затоа пак милиони веќе се преведуваат на сметката за коридорите 8 и 10, иако таму нема ниту механизација, ниту работници.

Кочанци добиваат впечаток дека државата не е спремна да дозаврши една детска градинка за да ја пушти во употреба, а камо ли да го изгради Домот за стари лица.

Актуелните политичари со години го замајуваат народот со уставни измени, со преговори и влез во Еу, како да европејците ќе ни направат се што не сме направиле и ни треба. А ни стојат незапочнати и незавршени  многу нешта, здравствени објекти, автопатишта, водостопански објекти …

Па и Србија е во преговори за ЕУ, ама тамошните лидери најавуваат инвестиции во милијарди евра за изградба на огромен саемски комплекс, супер модерен национален стадион, автопатишта и брзи пруги, автобуски и железнички станици, метро, комплетно уредување на триесетина поголеми града …, и сето тоа во строго определени рокови од околу 3 години.

Сподели: