Величествен собор во Манастирот Успение на Пресвета Богородица во Пресека
Над илјада верници од расфрланите села и маали на Осоговието, од Оризари, Кочани, Виница и Македонска Каменица, како и многубројни иселеници кои токму за празникот Успение на Пресвета Богородица, се собраа на народниот собор во кругот на истоимениот манастирски комплекс, во селото Пресека, за да го прослават големиот христијански празник и да се помолат за здравје и духовна заштита. По прашливите осум километри пат се движеа колони возила, кои ги запоседнаа ридчињата околу манастирот, создавајќи ретко убава празнична атмосфера. Годинава и поголем број кумови ги изложија своите погачи заради осветување и благослов, раздавајќи потоа на верниците за здравје и заштита на семејствата.
И во неделата попладне и вечерта, и во понеделникот, на денот на големиот празник, се развија големи ора, кои го искажуваа расположението на народот, кој дојде масовно, како ретко кога
Покрај многубројните дарови на Манастирот, верниците приложија и над триесетина јагниња, кои потоа беа распродадени на наддавање. Средствата што се собрани ќе се искористат за понатамошно реновирање, доградби и реконструкции на објекти, кои манастирскиот комплекс треба да го претворат во атрактивна дестинација за манастирски туризам. Во таа насока е и пробиената бушотина длабока над 70 метри, од која е добиена чиста и питка планинска вода, која допрва ќе го раззелени ова свето место.
Организаторите на манастирската слава приготвија десетина казани со манастирска манџа со јагнешко за сите верници.