Пензионерите најавуваат порадикални протести

Уште еден во низата протести на пензионерите од Кочани, кои се незадоволни од ниските пензии и игнорантскиот однос на министерството за труд и социјала, се одржа синоќа во Паркот на револуцијата во Кочани. Пензионерите со транспаренти побараа поддршка од Здружението на пензионери, чии членови се, и ги повторија барањата за линеарно зголемување на пензиите од 5000 денари и определување минимална пензија од 18.000 денари.

Членот на Иницијативниот одбор, Моне Горгиев, ги информираше пензионерите дека на состанокот во Неготино е договорено формирање Здружение на пензионерите кои протестираат, како и во иднина протестите да се одвиваат координирано, со блокирање на сообраќајници, со цел посилно да се слушне гласот на крајно осиромашените пензионери. Во тој контекст, наредниот протест ќе се одржи со блокирање на една од сообраќајниците на влезот во градот, но за денот и локацијата, пензионерите на време ќе бидат известени.

Покрај тоа беше прочитан дел од колумната на некогашниот директор на НИП Нова Македонија, Панде Колемишевски, кој жестоко ја критикува актуелната власт, обвинувајќи ја дека бессрамно ги излажала граѓаните од третото доба.

Пензионерите јасно ставија до знаење дека протестите не се политички. Ако не им верува власта, нека им ги исполни барањата и ќе се увери дека повеќе нема да има протести.

На крајот од протестот, пензионерите започнаа со потпишување петиција, која ќе се одвива и во наредните денови во Паркот на Револуцијата, со цел да се види дека бројот на незадоволни пензионери е многу поголем од оној на протестите.

Сподели: