Нова Година во паркот – супееер!

Полн погодок беше организираниот дочек на Новата Година во градскиот парк, каде 2024 ја дочекаа неколку илјади граѓани од Кочани и околината. Со топло вино и други жестоки и освежителни пијалоци, и младо и повозрасно уживаше во музиката на Андријана и Бојана, кои создадоа преубава новогодишна атмосфера. Впечаток е дека никој не зажали што најлудата ноќ ја помина на најмасовната прослава на испраќањето на старата и дочекот на новата година, во поновата историја на градот на оризот. Круна на убавата забава беше фасцинантниот огномет кои со своите одблесоци ги испраќаше најубавите желби и пораки на многубројниот народ. И така се до утринските часови, и по завршувањето на концертниот дел, бидејќи на расположените друштва не им се одеше дома.

Особено позитивен одек на организираниот дочек му даде фактот што се помина во најдобар ред, без какви и да е инциденти или проблеми. Дури и двата краткотрајни електрични курцшлуси не ја намалија празничната еуфорија која ги понесе сите кои и се радуваа на новата година со очекување и надеж дека ќе биде подобра, поуспешна, посреќна и побериќетна од претходната.

Сподели: