Навечер Кочани е средно или високо, наутро ниско загадено

Синоќешните 77 мг на м3 ПМ10 честички измерени во 19 часот, Кочани го ставија во жолта фаза, или средна загаденост на воздухот, но со тенденција на зголемување на загадувањет во подоцните вечерни часови.  Во текот на ноќта загадувањето бележи значително намалување, па во утринските часови се измерени 42 микро грама ПМ10 честички на кубен метар амбиентален воздух, со што квалитетот на воздухот се врати на зеленкаста фаза, односно ниска загаденост.

Ваквата ситуација со присуството на загадувачки честички во воздухот се повторува секојдневно во вечерните часови, што главно се поврзува со загревањето на домовите со огревно дрво и чадењето на оџаците. Уште поголем проблем е што во шпоретите се ставаат и други горливи предмети и материи, како пластика и гуми, кои екстремно го загадуваат воздухот, а дишењето на истиот го прават опасно по здравјето.

Субвенционирањето на дел од граѓаните при набавката на инвертер клими, како замена за печките на дрва, допрва треба да ја потврди својата оправданост, иако во кочански услови проблемот е сложен, поради фактот дека во семејните куќи главно живеат по две и три фамилии.Освен тоа критериумите во еден дел се спротивни и нелогични, бидејќи на струја треба да се греат посиромашните граѓани, во ситуација кога месечните трошоци за неа во однос на огревното дрво се неколкупати повисоки.

Сподели: