Колку пари, толку здравје …
Колку пари, толку здравје, а во последно време и живот. Така коментираат голем број граѓани кои немаат доволно средства да се лекуваат во престижните приватни здравствени установи во државата, каде лекувачко-оздравувачкиот престој, често чини десетици илјади евра. Актуелности дознава дека двајца наши сограѓани, кои биле хоспитализирани во една од приватните клиники, заради лекување од Ковид 19, морале да издвојат по над 20.000 евра, за да ја платат сметката за комплетниот третман.
Со оглед на фактот дека оздравени, или заздравени, како што самите велат, се вратиле дома, задоволни се од лекувањето и не жалат за парите. Ама гласно се прашуваат, што ако немаа толку пари да платат за лекување? Или што со тие семејства кои платиле големи суми и ги загубиле најблиските, па останале ем без нив, ем во големи долгови. Уште повеќе, што со тие кои воопшто немаат пари, па и не помислуваат на врвна медицинска помош, туку се му препуштаат на Господ, и на судбината.