Сведоштво на едни времиња и живот …
Двете фотографии се направени на 15. Ноември 2020 година, во Долна Пресека. Се работи за семејна куќа чии ѕидови се од плетени гранки, излепени со кал, измешана со слама, како сврзувачка компонента. Покривот бил дрвена конструкција врз која е посложена слама. Сламата и калта паднале со текот на времето,откако живеалиштето е напуштено, но не и стаклата на малиот прозорец.
Семејството живеело во горната просторија, која била и кујна и дневна и спална. Повозрасните спиеле на дрвен кревет, а помладите или децата на рогожа, или рогозина, која се распостила на подот.
Долната просторија пак, била резевирана за добитокот, најчесто коњи и магариња. Таквата поставеност овозможувала мало но значајно загревање на објектот од неговата телесна топлина и од дишењето. Плус посигурна заштита од крадци, како и од напади на волци.
Тоа што ми е чудно е што тогаш луѓето биле насмеани и ведри, пееле и на сеидба и на жетва и на вршидба. А богами и покрај казанот додека вареле сливова ракија. За празниците, свадбите и манастирските собори и да не зборуваме. Е, времиња …