Обвинителниот акт за случајот „Поштенска банка“ крши темелни правни начела и законски норми

Независни вештаци се обединети во мислењето дека во обвинението против третообвинетиот Ратко Димитровски од Кочани, поднесено незаконски, не докажува постоење ниту на злоупотреба на службена должност и овластување, а ниту на перење пари. Има ли овој случај тајна позадина?

Од Бранко Геровски Објавено 04.01.2021 година, 9 часот

Ако спектакуларните најави за „прочистување“ на македонското судство ќе значат и крај на т.н. револуционерна правда и на арбитрерните и незаконски постапки на македонски обвинители и судии, ништо чудно обвинителниот акт за случајот „Поштенска банка“ да биде една од преломните точки во тој процес. Дел од обвинетите, меѓу кои и третообвинетиот Ратко Димитровски, поранешен градоначалник на Кочани и сопственик на печатницата „Европа 92“, се решени не само сериозно да го оспорат обвиниението, туку да ја докажат и неговата незаконитост. Димитровски тврди дека обвиненителниот акт КО.бр.121/19 од 14 декември лани, е и акт на полититички реваншизам кон него.

Во приговорот на обвинителниот акт, обвинетиот поранешен градоначалник на Кочани потсетува на една изјава на тогашниот и сегашен премиер Зоран Заев, од октомври 2017 година, во која, најавувајќи крај на кариерата на Димитровски, премиерот ќе рече: „Слушам дека и тој ќе си има работа со судови и со обвинителство“. За ова постои и снимка која е доставена до Судот. И навистина, една година подоцна, Специјалното јавно обвинителство отвора истражна постапка и од тој момент до сега, со судови, адвокати и со вештаци работа си има не само Ратко, туку и неговиот син Влатко Димитровски. Во меѓувреме, газдата на „Европа 92“ е без пасош, оневозможени му се контакти со деловни партнери, а изречена е и привремена со која имотот на печатницата се става под хипотека, со што на фирмата ѝ се нанесуваат нови штети.

По втор пат обвинети за отфрлена кривична пријава

Се разбира, леењето „крокодилски солзи“ над судбината на било кој од обвинетите нема никаква смисла доколку станува збор за обвинение засновано на законот и богато со несоборливи аргументи за улогата на девет обвинети лица (меѓу кои поранешниот директор на Поштенска банка Коле Смилевски, газдата на НОЕЛ Гевгелија Томе Главчев и спомнатиот Димитровски), во процесот на трансформација на некогашната Поштенска штедилница во банка. Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, кое предметот го наследи од некогашното СЈО, сака да докаже дека со низа банкарски трансакции и договори со деловни субјекти, обвинетите сториле две сериозни кривични дела – Злоупотреба на службена должност и овластување според членот 353 од Кривичниот законик (кај Димитровски квалификацијата е продолжено кривично дело) и Перење пари според член 273 од КЗ.

Процесот на трансформација на Поштенската штедилница (каде акционер е и државата преку Македонски пошти), се одвива од 2001 до 2004 година и е проследен со контроверзи во јавноста, како и со сериозно внимание на Народната банка на Република Македонија. НБРМ се посомневала дека имало прекршувања на законот и заедно со Одделението за економски криминал на СВР Скопје, поднела кривична пријава против повеќе лица, меѓу кои и против спомнатите Смилевски, Главчев и Димитровски.

Но, на 6 јуни 2005 година (значи, во времето на СДСМ, ако тоа нешто значи), Основното јавно обвинителство со решение ги отфрла кривичните пријави и констатира дека во дејствијата што ги презеле пријавените не се содржани елементи на кривичното дело Злоупотреба на службена положба и овластување, ниту пак елементи на било кое друго кривично дело кое се гони по службена должност, туку во конкретниот случај станува збор за прекршок според член 119 од Законот за банките, при што настапила застареност за гонење на прекршокот. Апсолутната застареност за прекршочно гонење настапила во март 2005 година.

Од правен аспект, ова е исклучително значајно. Водејќи истражна постапка и подигнувајќи обвинение 16 години откако еднаш ОЈО се изјаснило за овој „казнено-правен настан“, обвинителот сега го крши елементарното правно начело Non ibis in idem, или во превод „Не повторно исто“. Во правното мислење прибавено од угледниот кривичар проф. д-р Никола Тупанчевски, се вели: „Лицата против кои е водена или завршена кривична постапка мора да бидат ослободени од неизвесноста за нејзино повторно покренување за истото кривично дело…“ Правната логика вели дека во случајов обвинителот форсира двојно судење за иста работа, што е спротивно на член 7 од Законот за кривична постапка. Според тоа, покренување обвинителен акт, со исти наводи за кои обвинителот еднаш веќе одлучил дека не содржат елементи на кривично дело, претставува флагрантно кршење на правното начело Non ibis in idem, како и кршење и на меѓународните правни стандарди и на националното законодавство.

Освен тоа, по трансформацијата на Поштенска штедилница (банка) во 2005 година, „Европа 92“ нема никакви деловни односи и контакти со банката, па според тоа, констатира вештакот, не може ни да има нови докази за отворање нова кривична пријава.

Сериозни процесни повреди, пробиени сите рокови

Втор крупен проблем од правна природа во случајот е што истражната постапка е спроведена врз основа на две наредби – и двете од СЈО. Против ист осомничен јавниот обвинител не може да донесе две наредби за спроведување истрага. Кога е донесена втората наредба, првата не била ставена вон сила. Дополнително, во моментот кога СЈО ги носи наредбите (октомври 2018 година и февруари 2019 година), според начелното правно мислење на Врховниот суд, СЈО веќе не е овластен тужител. Како и да е, одбраната на Димитровски докажува дека истрагата е почната и спроведена незаконски, а врз основа на таква истрага не може да биде покренат обвинителен акт.

Но и тоа не е сѐ. Спротивно на член 301 од ЗКП, истрагата го пробила максималниот рок од 21 месец. Истрагата не може да трае бесконечно, таа е временски ограничена и оваа одредба од законот е преклузивна и нема исклучоци. Краен рок за поднесување обвинение или за запирање на истрагата бил 1 декември 2012 година. И тој рок е пробиен, па обвинението е покренато со задоцнување, со што е прекршен член 303 од ЗКП. Конечно, со оглед на сите овие факти, одбраната смета дека за конкретните дела што му се ставаат на товар на Димитровски настапила застареност за гонење во 2019 година.

Нема кривични дела, велат независни вештациМожеби ќе ве интересира

Настрана од овие крупни пропусти од правна природа, кои секако се недозволиви, останува отворено прашањето има ли вина кај обвинетите, дали навистина се направени трансакции со кои тие прибавиле материјална корист и дали навистина переле пари во процесот на трансформација на Поштенска штедилница во банка. Како релевантни, во оваа фаза на постапката, ќе ги земеме мислењата на независни вештаци, прибавени од страна на одбраната.

Според Наодот и мислењето на една таква ревизорска куќа (БДО Скопје, фирма членка на BDO International Limited, познат и признат меѓународен бренд во областа), непобитен факт е дека со финалниот чекор, отуѓувањето на акциите во Поштенска банка во корист на Еуростандард банка, Печатницата „Европа 92“ не остварила имотна корист ниту капитална добивка, туку загуба од 407.180 евра. Во сите финансиски трансакции што „Европа 92“ ги имала со банките, како и во трансакциите за купување и продажбите на акциите во Поштенска банка, нема индикации за перење пари, бидејќи обезбедните средства се исклучиво од банкарски кредити и не е реализирана имотна корист од противправни дејствија. Во сите трансакции што Димитровски ги имал со банките (Тутунска, Кредитна, Поштенска и Еуростандард банка), во периодот од купувањето на акциите во Поштенка банка до нивната продажба во 2005 година, банките не претрпеле штети, бидејќи кредитите биле уредно сервисирани (враќани), а каматите уредно плаќани и целосно вратени. Така се вели во обемниот извештај на независниот вештак. Згора на сѐ, треба да се има предвид дека сите трансакции за кои станува збор се извршени со жирално плаќање, преку жиро-сметка, а тоа значи дека во секој момент движењето на парите било видливо за надлежните органи.

Во обвинението се спомнува и управната зграда на банката, но се „заборава“ дека во моментот кога Димитровски влегува во банкарската авантура, таа зграда едноставно не постои (договорот за нејзина изградба е склучен подоцна). „Европа 92“ во ниту еден момент не се стекнала со сопственост над објектот, кој останал сопственост на Поштенска банка и по нејзиното преземање од страна на Еуростандард банка. Одбраната за ова доставила докази што секој може да ги обезбеди од Катастарот. Просто е неверојатно како Обвинителството не се „сетило“ од Катастарот да ги побара потребните документи за движењето на сопственоста на наведениот имот (земјиште и зграда) и како не дознало дека управната зграда на Поштенска банка е завршена во ноември 2005 година, цели 9 месеци откако „Европа 92“ и Димитровски веќе немаат никакви контакти со банката.

Конечно, во целиот период на кој се однесува обвинителниот акт, државата не е оштетена ниту за денар, а трансакциите меѓу Поштенска банка, „Европа 92“ и кочанската фирма Идеал д.о.о., за кои се товари Влатко Димитровски, се класичен облигационен однос, со кој Влатко не стекнал имотна корист на штета на банката.

Тоа е мислењето на независниот угледен ревизор. Општо земено, независните вештаци се обединети во мислењата дека во случајот не постои ни злоупотреба на службена должност и овластување, а ниту перење пари. Обвинителниот акт не опишува на кој начин се исполнети (ако воопшто се исполнети) конститутивните елементи на овие кривични дела. Ако противзаконски е прибавена имотна корист, на пример, некој треба да биде оштетен. Кој е оштетен во случајот? Никој. Напротив, со сите трансакции и божем „испрани“ пари, капиталот на Поштенска банка е оплоден и банката во 2004 година прв пат бележи позначителен профит, иако никој од акционерите не зел дивиденда.

Правдата е скрупулозна или – не е правда

Добра претпоставка е дека обвинителката, која за кривичната пријава на НБРМ и на СВР Скопје одлучувала во 2005 година, темелно ги проучила фактите и затоа ги ослободила осомничените од натамошно гонење. Нејасно е што придонело сега предметот да се извади од фиока и да се преточи во обвинение, со сите фатални слабости на обвинителниот акт што ги наведовме. Уште понеразбриливо е зошто надлежното Обвинителство сега не ја повикало обвинителката која одлучувала во 2005 година, за од неа да побара барем мислење за предметот.

Ратко Димитровски: Како тоа за Марјан Ѓорчев, Љубчо Георгиевски и за Никола Груевски, случајот е застарен, а за мене не е?

Димитровски во својот приговор пишува: „Во списите на предметот во Јавното обвинителство нема никаква изјава или друг доказ за произнесувањето по овој предмет од страна на лицата Марјан Ѓорчев, Љубчо Георгиевски и Никола Груевски. Нејасно е од каде обвинителствто извлекува заклучок за некакво си договарање со овие лица. Нејасно е врз основа на какво засметување, самото обвинителство , уште во првата наредба за спроведување истражна постапка, утврдува дека за овие лица гонењето е застарено, а за мене и за неколку други лица не е. Не е позната ниту една држава, со такво законодавство и пракса, во која за едни лица, за исто дело, за ист настан, за наводни дејствија преземени во исто време, за едни гонењето да е застарено, а за други да не е“.

Димитровски е посебно повреден од малтретирањето на неговиот син Влатко. Станува збор за млад графичар, кој дипломирал на престижен универзитет во САД, потоа ги отфрлил сите понуди да остане и да работи таму и се вратил во својата татковина, во Кочани, да се докаже во фирмата на својот татко. За сега да трпи неправда и да биде обвинет за обичен облигационен однос, договор, склучен пред 15 години, од кој ниту државата ниту некој друг има штета. „Чии желби и какви страсти треба да се задоволат со ваквото малтретирање на мојот син?!“, прашува Ратко Димитровски.

Поранешниот кочански градоначалник очигледно сѐ уште верува во правдата, па предлага Советот за оцена на обвинителен акт да одржи рочиште, на кое ќе биде повикан и тој, како и неговите бранители и сведоци. Тој очекува обвинителниот акт да се оцени внимателно и да се одбие. Ако тоа не се случи, нема да биде изненадување овој случај да излезе од границите на Македонија, бидејќи очигледно е дека е оптоварен со тешки правни пропусти и преседани, со кои се прекршени основните човекови права на обвинетите лица, загарантирани и со меѓународни конвенции.

Секако, надежта е дека ќе се случи нешто сосема друго – дека поттикнати од најавите за големи промени во правосудството, луѓето со професионален и личен интегритет во овој случај сепак ќе одлучат дека правдата се дели непристрасно, врз основа на правни начела и согласно со националните закони и меѓународните стандарди што Македонија се обврзала да ги почитува. Тоа мора да важи за сите осомничени и обвинети, без оглед на нивниот политички бекграунд и на сѐ уште присутната силна желба некои од луѓето од претходниот режим по секоја цена да се најдат зад решетки. Вистинска реформска промена во оваа област ќе се случи тогаш кога ова „по секоја цена“ ќе престане да важи. Правдата е скрупулозна. Ако не е, тогаш воопшто не е правда.

Превземено од plusinfo.mk

Сподели: