Пејпер мил ги задржува 120-те вработени
Пејпер Мил од Кочани информира дека по правни консултации, а според Законот за работни односи, донесе одлука за статусот на 120-те вработени во фабриката.Во наредните два месеци вработените ќе добиваат 70% од платата иредовно ќе им бидат плаќанипридонеси за целиот период додека не одат на работа, заради привремениот прекин на работењето на фабриката. Од компанијата денес ги информирале вработените и за можноста за рестартирање на фабриката во април оваа година, кога тие повторно би се вратиле на редовна работа.
Минатата недела управата на Пејпер Мил донесе одлука да го прекине производствениот процес на неопределено време, по решението наИнспекторатот за животна средина со кое нафабриката и беше наложено користење на метан како единствен енергенс, на што претходеа мерења од страна на компанијата и од страна на Инспекторатот, чии резултати покажаа драстични разлики.
„Беше исклучително важно да го решиме статусот на вработените. Тие не доаѓаат на работа, а до сега исплаќавме цела плата. Искрено се надеваме дека ќе ги рестартираме процесите на рециклажа на хартија и производство и сакаме, и важно ни е да ги задржиме овие луѓе. Успеавме и во текот на целата ковид криза да не отпуштиме вработени, а од друга страна во нашите развојни планови предвидуваме и зголемување на човечките ресурси во фабриката за 30 проценти. Очекуваме соработка со сите чинители, со цел што поскоро да продолжиме со работа.“ – изјави Јулијан Даскалов, Генерален директор на Пејпер Мил од Кочани.
Во интерес на рестартирање на производството, Пејпер Мил веќе има нарачано дополнителна опрема за унапредување на технолошкиот процес и дополнително намалување на влијанието врз животната средина. Од компанијата очекуваат новата опрема да пристигне и да биде инсталирана во првиот квартал годинава.
Од компанијата информираат дека веќе ги известиле и сите купувачи од регионот дека се приморани да ги откажат нарачките во овој период, а доколку и кога го рестартираат производството ќе одговорат на побарувањата. Пејпер Мил во овој период ќе претрпи загуби по основ на откажаните нарачки од 2,500 тони хартија, прекин на производството и исплата на плати, а дополнително прекинот ќе се рефлектира и врз целокупниот синџир на набавкивклучително и откупот на хартија за рециклажа од нашата земја. Пејпер Мил од Кочани е единствената фабрика за рециклирање на хартија во Република Северна Македонија,која ако на почетокот целосно увезуваше хартија за рециклирање, денеска во најголем дел откупува и рециклира хартија од и вонашата земја.
За Пејпер Мил
Фабрика за хартија во Кочани е една од најстарите фабрики во Македонија, заснована уште во 1963 година. Во составот на UNITRADE CLUSTER со седиште во Бугарија е од 2016 година. Веднаш по нејзиното повторно отварање започна капиталната реконструкција на производствените капацитети. Вложувањата во модернизирање на технологии и процеси во изминатите пет години се 7 милиони евра, со посебен акцент на квалитетот на производите, зголемување на капацитетот и минимизирање на влијанието врз животната средина. Посебен пристап беше направен кон Чистите технологии и адаптација за рециклажа. Фабриката поседува А ИСКЗ дозвола од Министерство за животна средина, како и неколку сертификати за квалитет и екологија. Капацитетот е доволен за рециклажа на целата картонска отпадна хартија на ниво на РС Македонија. Моменталниот капацитет е 14.400 тони годишно, а веќе се направени проекти за тројно зголемување на овој капацитет. Повеќе информации за фабриката се достапни на www.paper-mill.eu .