Бурни или мирни попис и избори ?

Одминува првиот месец од една од најбурните години во очекување, во плуралистичка Македонија. Година во која граѓаните на оваа држава ги очекува политички предозираниот попис, а наесен и редовните локални и градоначалнички избори, можеби заедно со нови предвремени парламентарни. Во меѓувреме, претстои финалната пресметка со Ковид 19, но и отворањето нови фронтови против новите соеви на вирусот кој доведе до нова реалност и ново поимање на животот, во сите негови сегменти.

Последица на таквата реалност се промените на навиките на луѓето, наместо да гледаат далку напред во иднината, да и се препуштат на сегашноста. Ден за ден. Прашањето е, колку сето тоа ќе ги направи луѓето-полуѓе, а животот подобар.

Кога е во прашање предизвикот наречен попис, дел од политичките субјекти и од граѓаните, не стравуваат од пандемијата или колкава ќе биде бројката на национално определените Македонци. Нивниот процент ниту некој го спомнува, ниту предпописно калкулира со него. Стравот доаѓа од перфидната стратегија на политичарите од Албанска националност, кои веќе лицитираат со над 25 % застапеност во вкупното население, најавувајќи можно поништување или непризнавање на пописот, ако бројките не се посакувани. Народот вели, што не се купува со пари, се купува со многу пари. Тоа се виде и на последните парламентарни избори, на кои ДУИ започна со освојување на Истокот. Прашањето е, каде води, и каде ќе ја однесе државата, политичкото играње на дел од македонскиот блок на ас-картата на (дел од) Албанскиот. А можеби и на целиот, бидејќи тој и позициски и опозициски, се обедини по оваа исполитизирана статистичка операција, што нешто кажува за очекувањата и целите.

Политичките аналитирачи сметаат дека ако пописот се истурка, така или онака, многу работи ќе станат појасни во чисто политичката операција, локалните избори за градоначалници и советници. Може да се случи пописот директно да влијае и врз евентуалното закажување на предвремените парламентарни избори во истиот термин. А сето тоа, само по себе е бура во најава за целата 2021 година. А кога е бура, некои бродови потонуваат, други се насукуваат на пусти острови од каде враќањето е тешко, а трети остануваат да плутаат без правец и позната цел.

Сподели: