Драчевичани го кренаа гласот против толерирањето на насилството, кражбите и дивеењето со возила

Жителите од населбата Драчевик денеска го одржаа најавениот мирен протест со цел да ги алармираат институциите и локалната власт за проблемите со кои се соочуваат откако е вселена ламела 2 од блокот социјални згради. Директен повод за нивната реакција е почетокот на изградбата на третата ламела, која на драчевичани ќе им донесе нови соседи, а тие стравуваат дека меѓу нив повторно ќе има проблематични поединци, кои додатно ќе им го нарушат мирот и ќе предизвикаат други проблеми. Подготвени се да ја блокираат изградбата на зградата, се додека не добијат гаранции кој се ќе биде вселен и според кои критериуми.

-Откако е вселена втората зграда, во нашата имаку мирна населба, завладеа страв во секој поглед, вели жител од населбата. Родители стравуваат за децата кои не смеат да поминат покрај зградата. Во дворните места не смееме да оставиме ништо, бидејќи преку ноќ го снемува. Се плашиме и за безбедноста на децата од неконтролираното возење на нерегистрирани возила, кои се опасност и за другите учесници во сообраќајот. Покрај тоа по цели ноќи ечи гласна музика, се слушаат секакви вулгарности, се случуваат крвави тепачки, детското паркче е уништено и преку ноќ служи за секакви перверзии. Зарем за тоа греба ние да протестираме и да бараме да ни се обезбеди тоа што е со устав загарантирано. Не ни е јасно зошто надлежните органи и институции предолго толерираат и не ги преземаат законските мерки.

На протестот присуствуваше и градоначалникот Николчо Илијев, кој се огради од проблемите со ненадлежност да преземе конкретни мерки за решавање на истите. Тој и во оваа прилика апелираше до институциите да им го вратат мирот и безбедноста на граѓаните, уверувајќи ги присутните дека постои начин проблематичните да бидат иселени од социјалната зграда. Останува да се види како во практика сето тоа ќе се спроведе и дали во Драчевик ќе завладее мир и безгрижност кај граѓаните, или ќе бидат принудени со поригорозни мерки да се изборат за своите права.

Да потсетиме дека и минатата година, кога беше уништен дел од штотуку инсталираната опрема во детското игралиште, претставници на дел од надлежните институции ветуваа справување со насилниците и недисциплинираните станари, ама од сето тоа ништо, бидејќи една година подоцна состојбите се позагрижувачки и вон секаква контрола.

Сподели: