Зошто снемува пипер, домати, краставици … ?

СИТУАЦИЈАТА СО СЕ ПОМАЛКУ ГРАДИНАРСКИ ПРОИЗВОДИ НА ТЕЗГИТЕ, И СЕ ПОВИСОКИ ЦЕНИ, ДЕЛУВА КАКО ОПОМЕНА ШТО НА ТОЈ ПЛАН МОЖЕ ДА ДОНЕСЕ ЕСЕНТА. КЛИМАТСКИТЕ ПРОМЕНИ И РАСЕЛУВАЊЕТО НА МЛАДИТЕ ГИ ОСТАВИЈА НИВИТЕ НЕОБРАБОТЕНИ, А ПРОИЗВОДСТВОТО НА ОТВОРЕНО – НЕВОЗМОЖНО. ДРАСТИЧНО СЕ НАМАЛУВА И ОДГЛЕДУВАЊЕТО НА СИТЕН И КРУПЕН ДОБИТОК, БИДЕЈЌИ ПРОМЕТОТ НЕ ФУНКЦИОНИРА А ЦЕНИТЕ СЕ ДЕВАЛВИРАЧКИ

Понудата и цените на тезгите на градскиот зелен пазар, уште сега ги плаш потрошувачите. Понудата на пиперки и домати мошне мала и со слаб квалитет, а цените околу 40 до 50 денари за килограм. Краставиците од 30 до 40 денари. Компирите од 20 до 40 денари, три стракчиња праз 40 денари, лубениците ретко пажаат под 20 денари, а дињите под 30 денари за килограм, а црешите, кајсиите и крушите одат над 100 денари.

Ако сега среде лето е така, како ќе биде наесен. Оваа неизвесност се наметнува поради фактот дека драстично е намален бројот на производители на градинарски култури, па меѓу граѓаните омилените „домашни“ пиперки и розови домати, кои се нудат на само три-четири тезги, се распродаваат и ги снемува за еден до два часа. Пустинските температури практично не дозволуваат одгледување на отворено, што дополнително го десеткува производството. Во таквата состојба се вклопуваат и предупредувањата на светските стручњаци дека земјата ја чека сериозна криза за храна.

На негативните тенденции во делот на храната се надоврзува намалувањето на приватните фарми за одгледување свињи, кози, овци и говеда, во домашни услови, бидејќи прометот е мошне ограничен, поради осиромашувањето на граѓаните, а нерешлив проблем се и зачестените појави на заразни болести, кои го десеткуваат добитокот. Цените од 120 до 150 денари за килограм жива мера на јарињата и јагнињата за одгледувачите се неисплатливи, за купувачите се скапи.

Кога кон сето тоа ќе се додадат и поскапувањата на маслото за јадење, кое е значаен импут во подготовката на зимницата, потоа на горивата и редица други производи, тогаш стравот од есенската потрошувачка сезона е оправдан. Особено ако се знае дека многу работници останаа со ниски плати, а не е мал бројот и на тие што ги изгубија работните места.

Сподели: