Кочани одбележува 77 години од ослободувањето

По повод 7 Септември, Советот на Општина Кочани, во вторник, на Споменикот на слободата ќе одржи свечена седница со која ќе биде одбележана 77-годишнината од ослободувањето на Кочани. 

На свеченоста, која поради здравствената состојба ќе биде со ограничен број посетители, ќе бидат доделени највисоките општински награди – за значајни остварувања и за животно дело,на актерот Благој Веселинов и постхумно на културниот деец, режисер и собирач на народни умотворби Борис Стојчев.

По повод празникот, а како заокружување на четиригодишниот мандат, обраќање ќе има и градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев.

Во знак на благодарност за посветеност во работењето, за висок професионализам и поддршка во реализацијата на проекти, на поединци и на компании ќе им бидат доделени благодарници, признанија и плакети, а награди ќе им бидат врачени и на првенците на генерацијата од основните и средните училишта во Кочани.

На крајот на свеченоста, ќе биде прикажан филмот „Дедо и внук“ на режисерот Илија Пиперкоски, во кој една од улогите ја толкува актерот Благој Веселинов.

По повод двата празника 7 Септември, Денот на ослободувањето на Кочани и 8 Септември, Денот на независноста на Македонија, делегации од Општина Кочани и од Сојузот на борците од НОВ ќе положат свежо цвеќе на спомен-бистите на Љупчо Сантови Раде Кратовче и на Споменикот на Слободата.

Сподели: