Кои пратеници ги памтите?

ПО ТРИ ДЕЦЕНИИ ПАРЛАМЕНТАРИЗАМ, ОД ПЛЕЈАДАТА ПРАТЕНИЦИ КОЧАНЦИ ЌЕ СЕ СЕТАТ САМО НА НЕКОЛКУМИНА. ЗОШТО? КАКВА РАБОТА (СИ) ЗАВРШИЈА ТАКАНАРЕЧЕНИТЕ „НЕМИ ПРАТЕНИЦИ“ ВО СВОИТЕ МАНДАТИ ? И ЗОШТО ПОЛИТИЧАРИТЕ СЕ СЕ ПОБОГАТИ, А ГРАЃАНИТЕ СЕ ПОСИРОМАШНИ?

Во мини анкетата помеѓу кочанчани, за тоа дали, кои и колку пратеници од двете опции памтите, и дали знаете дали и што направиле за граѓаните и за градот, сублимираниот одговор се сведува на една куса констатација: колку активни и гласни-толку запаметени. Од тука произлезе се чини и карактеризирањето на повеќето од нив како „неми пратеници“.

На повозрасните сигурно подлабоко во меморијата им се врежани првите пратеници, кои од социјалистички политичари беа трансформирани во плуралистички, како Тодосија Паунов, Иван Иванов, Јордан Зафиров, Илија Каров.

По нив во пратеничките столчиња од Кочани седнуваа и си заминуваа редица политичари, избрани од народот, на кои, истиот тој народ сега не може ниту да се сети. Така е затоа што повеќето пратеници мандатот и функцијата ги сваќаат како можност да го набилдаат своето банкарско конто колку е можно повеќе, со платите, трошоците и дневниците.

Штета е што во оваа држава нема институција или поединец да пресметаат колку таканаречени голтари, кои влегоа во политиката, од неа излегоа како милионери и милијардери на грбот на народот, за на тој начин да се добие одговор на прашањето: зошто народот е се посиромашен.

Сподели: