Големите клубови ги крадат талентите …

ТУРНИРСКИТЕ ИСКУСТВА НА ТОДЕ МИТЕВ МУ ОТКРИЈА ДЕКА ГОЛЕМИТЕ КЛУБОВИ ГИ ОРГАНИЗИРААТ СО ЦЕЛ ДА ОТКРИЈАТ НЕКОЈ ТАЛЕНТ И ПОДОЦНА ДА ГО АНГАЖИРААТ НУДЕЈЌИ МУ ПОДОБРИ УСЛОВИ. КАКО „ОСОГОВО“ И ФК КОЧАНИ ДА ГО СЛЕДАТ НИВНИОТ ПРИМЕР И ОД ФУДБАЛОТ ДА НАПРАВАТ БИЗНИС?

Фудбалот и кај нас станува бизнис, па оние кои се навлезени подлабоко во него, веќе дејствуваат плански и профитерски. Тоа најдобро го забележуваат тие што се инволвирани во фудбалските случувања во регионот и во државата. Фудбалскиот стручњак од Кочани, Тоде Митев, кој знае да процени талент кај фудбалските почетници, има специфично искуство преку работата со млади категории во ГФК „Осогово“.

-Седејќи на тренерската клупа на турнирите, забележав дека тренерите на поголемите клубови ги запишуваат броевите на дресовите на младите фудбалери кои им фаќаат око и подоцна гни ги земаат. Така Работнички ни зеде три фудбалери, а очекувам наскоро да ни заминат и други таленти кои ние овде макотрпно ги создаваме.

Поголемите и помоќните клубови подолг период прават стратегија како да дојдат до милионските профити кои ги овозможуваат европските и светските организации во овој спорт. Примерот со бугарскиот Лудогорец кој цела деценија владее со тамошниот фудбал, е доказ дека еден бизнисмен од фудбалската игра може да направи голем бизнис. И белградска „Црвена Ѕвезда“ ако го мине плеј-офот за Лигата на шампиони, годинава ќе инкасира неверојатни дваесетина милиони евра. Димао од Загреб е стара приказна во фудбалскиот свет. Полека прстите во медот ги брцаат и најдобрите македонски екипи, кои засега стигнуваат до милионче.

За кочански прилики најдобар е примерот со Јован Манев, кој со трансферот во турскиот прволигаш, донесе мали но значајни пари и на сметката на ФК Кочани, од каде што потекна како фудбалер. Поради сето тоа тие што се занимаваат со најважната споредна работа на светото, би можеле посериозно да подразмислат…

Сподели: