Задоцнето лето во Јастребник. Октомвриски цвет и род на капините…
Меѓу народот популарното циганско лето во октомври ја обдарува природата на Осоговските Планини со преубави вегетација која претставува вистинско изненадување за локалното население, но и за оние кои ги крстосуваат природните убавини. Под прекрасната сончевина како мали лампиони се црвенеат шипинки, претставувајќи посебен украс во зелената и на места пожолтена дабова и букова шума. На огромните трња како бисери се црвенеат гроздови од капини, од кои дел се во фаза на зреење, а дел целосно зрели со препознатливата темно црвена боја. Вкусни, какви што не се во редовната сезона, во текот на годината.
Родните овошки годинава натежнале од род како никогаш порано. Гранките наведнати до земја, чекаат некој да ги обере јаболката и крушите, за да им олесни пред да паднат првите снегови. Малубројните мештани кои овде живеат или повремено доаѓаат, велат дека им е неисплатливо да ги оберат и да ги симнат во градот за да ги продадат, бидејќи прекупците ги отепуваат со цените.
А родна е овде земјата, особено таму каде има вода. Во исклучителни еколошки услови и чиста животна средина, мештаните колку за себе произведуваат компири, грав, тикви, пипер, домати и други градинарски култури. Уште породни се оревите, коштаните, лешниците, кои треба само да се соберат.
Осоговската планинска идила ја надополнуваат старите и мали селски куќарки вгнездени во густата шума, кои како да се сокриени во неа. Само црвеникавите ќерамиди ја откриваат нивната локација. И за среќа, во деновите на викенд тука, по планинските земјени патишта минуваат теренски моторни возила но и помодерни миленици на четири тркала за да се соберат компирите и по нешто од богатството на разновидни плодови.