Кочанските ловишта без стопан

43 ЛОВИШТА СО ВКУПНО 32 ДОГОВОРА ВО ДРЖАВАТА СЕ СТЕКНАА СО КОНЦЕСИИ ЗА ОРГАНИЗИРАЊЕ ЛОВ ВО НАРЕДНАТА ДЕКАДА. МЕЃУ НИВ НИТУ ЕДНО ЛОВИШТЕ ВО КОЧАНСКАТА КОТЛИНА НЕ ДОБИ СТОПАН, ПОРАДИ ШТО ЛОВСТВОТО ВО КОЧАНИ И ПОНАТАМУ СТАГНИРА

Откако минатата година беше објавен јавен повик за доделување концесија за користење на дивечот и ловиштата во 9 ловни реони во државава во кои има 43 ловишта, склучени се вкупно 32 договори за концесии за исто толку ловишта во Македонија. Договорите за ловиштата им беа доделени деновиве на здруженијата во ловните реони Кочани, Скопје, Свети Николе, Кавадарци, Валандово, Гевгелија, Виница, Делчево, Гостивар, Демир Хисар, Битола, Охрид, Ресен и Кичево, со напомена дека нивната улога е огромна во зачувувањето  и грижата за дивечот.

Значајно за ловството во Кочани е што концесијата на ловиштето Соколарци, за кое имаше најава дека ќе аплицира здружение од општина Чешиново-Облешево, не е доделена, поради тоа што заинтересираните се откажале и не ја уплатиле потребната гаранција за да учествуваат на наддавањето.

Останува нерешен и проблемот со двете ловишта на територијата на општина Кочани, Подлог и Бели, со кои до пред две години стопанисуваше концесионерот Текстил од Скопје. Единствено во функција е ловиштето Главовица, за кое концесијата беше доделена претходно.

Сподели: