Од денеска задолжително носење маски и забрана за групирање на отворено
Носењето лична заштита на лицето станува задолжително за граѓаните со новите измени на Законот за заштита на населението од заразни болест, што синоќа ги усвои Собраните.
Со цел справување со заразата, во моментов на сила се неколку мерки како намален капацитет на превозот на патници на 50%, скратено работно време на угостителските објекти до 23 часот, како и забрана за групирање на повеќе од 4 лица по 23 часот.
Носењето на заштитна маска на лицето станува задолжителна за граѓаните. Оваа мерка ќе важи за движење на јавни места и површини од отворен и затворен тип, на пазари, во јавен превоз и при влез во затворени простори како државни институции, маркети, продавници, банки, пошти, чекални, здравствени установи и слично, вели министерот за здравство Венко Филипче.
Воедно од денеска сите граѓани, освен оние кои спортуваат на отворено, децата под 6 години и некои други исклучоци, ќе мора да носат маски и на отворено.
За неносење на маска на отворено предвидена е парична казна од 20 евра, информираат од Министерството.
Забрането е групирање на јавен простор, паркови, јавни површини или било која површина на отворено, а казната е 500 евра.
Министерството за здравство апелира до сите граѓани да се почитуваат мерките за заштита од ковид-19. Носењето на заштита маска, одржувањето на физичка дистанца и миењето на раце се единствените мерки кои можат да го спречат ширењето на вирусот. Да бидеме одговорни и совесни, да го зачуваме нашето здравје, но и здравјето на нашите најблиски.