ВОЛЦИ НЕМАЈЌИ ДРУГО, СЕ ГОСТАТ НА ЗАГАРИ

Сиромашните со дивеч ловишта, од една, и запустувањето на планинските реони, кои останаа и без луѓе и без добиток, од друга страна, драстично ја променија природната рамнотежа, поради што се почесто се случуваат необични настани. Еден таков е од пред десетина дена, односно по отворањето на ловната сезона во ловиштата со кои стопанисува Подружницата Осогово, во атарот на селата Пантелеј и Нивичани. Група ловци кои излегле на лов на диви свињи во атарот на Пантелеј, забележале дека загарите кои одгониле дивеч по повеќечасовно чекање ги немало да се вратат. Потоа започнало долго барање по ридовите и доловите на осоговието, за конечно со помош на електрониката да ги пронајдат, ама распарчени од волци. Освен што останале без своите омилени расни загари донесени од БИХ, сопствениците практично претрпеле и значителна материјална штета, бидејќи добар загар за лов на дива свиња кај нас чини помеѓу 500 и 1000 евра, а во соседна Грција, на пример од 2000 до 3000 евра.

И во изминатите години ловци се жалеле дека волци ги ловеле нивните загари за да се нахранат, што е последица на нерамнотежата во природата, бидејќи се помалку има дивеч, како и стада овци, и друг добиток, а се повеќе крволочни животни. Нерамнотежата е последица и на неорганизирањето хајки за одстрел на штетен дивеч, првенствено волци, бидејќи новите концесионери ги интересира само профитот од стопанисувањето со ловиштат.

Сподели: