Род ќе има, а цени – не!

ПОЛНАТА АКУМУЛАЦИЈА „КАЛИМАНЦИ“ И СОНЧЕВОТО ЛЕТО СОЗДАДОА ИДЕАЛНИ УСЛОВИ ЗА ВЕГЕТАЦИЈА НА ОРИЗОВАТА КУЛТУРА, КОЈА Е ВО ФАЗА НА КЛАСАЊЕ И НАЈАВУВА БОГАТ РОД. ОКОЛУ ОТКУПОТ, ВООБИЧАЕНО НЕИЗВЕСНО И ВО ПОГЛЕД НА ДИНАМИКАТА И НА ЦЕНИТЕ НА АРПАТА И БЕЛИОТ ОРИЗ. КАКВИ ВЕТУВАЊА НА ЗЕМЈОДЕЛЦИТЕ ЌЕ ИМ ДОНЕСАТ ПОЛИТИЧАРИТЕ ВО ЕКОТ НА КАМПАЊАТА ?

Земјоделците од кочанската котлина задоволни ги тријат рацете од состојбата со оризовата култура, која се наоѓа во поодмината фаза на класање. Ако долготрајното топло време, со надпросечни температури неповолно се одрази врз другите култури, тоа кај оризот влијаеше позитивно, особено поради фактот дека вода од Акумулацијата Калиманци имаше доволно. А при доволно вода и сонце вегетацијата на кочанското бело злато се одвива во оптимални услови и најавува богат род.

Годинава оризот во регионот е застапен на 4.300 хектари, што при просечни приноси од 5000 до 6000 килограми по хектар, значи дека реколтата може да достигне и до 25.000 тони арпа. Доминираат италијанските сорти, пред се Сан Андреа, која има и најдобра цена на пазарот, а одреден број земјоделци навикнаа на турските семиња.

Сепак, на нешто повеќе од еден месец пред стартот на жетвата, состојбите околу откупот остануваат недефинирани, ниту од аспект на цените, ниту од откупната динамика. Никој не може да предвиди ни како ќе реагираат земјоделците, бидејќи локалните избори ќе се одржат во екот на жетвата и стартот на откупот, па исполитизираните здруженија може да посегнат по различни форми на притисоци. Како и да е, се очекува бурна есен во која ќе треба да се спроведат значајни процеси, од пописот, преку изборите, до кампањите за собирање на родот и негова реализација.

Сподели: